Економија, финансии, бизнис

Контакт

НАМАЛЕНА ДОБИВКА ЗА 40 ОТСТО: Колку заработи изведувачот на гасоводот Неготино - Солун во Македонија?

НАМАЛЕНА ДОБИВКА ЗА 40 ОТСТО: Колку заработи изведувачот на гасоводот Неготино - Солун во Македонија?

„Рапид билд“, градежниот оператор од Куманово, кој лани на средината од годината ја започна изградбата на гасоводот до грчката граница откако претходно беше избран за изведувач, 2025 ја заврши со зголемени приходи, но и многу поголеми трошоци во своето работење.

Компанијата на кумановскиот бизнисмен Тони Каранфиловски, според податоците кои ги обезбеди „Фактор“, во 2025 остварила приходи од 28 милиони евра и тие се зголемени за 19 отсто во однос на претходната година. Истовремено зголемени се и трошоците и тоа за 47 проценти повеќе. 

Остварената добивка е 1,82 милиони евра и е намалена за 40 отсто. Бројот на работници со кои е завршена минатата година изнесувал 343 и е зголемен за 15 проценти. Најверојатно поради сериозноста на проектот и инвестицијата, финансиските обврски на компанијата се зголемени на дури 53 милиони евра.

Во текот на 2025 година беше потпишан договор за изведување на градежни работи за изградба на систем за пренос на гас за проектот за поврзување на интерконекторот помеѓу Грција и Македонија со изведувачот Рапид билд. Заемот од европските кредитори се доделува во две транши. Првата транша е во износ од 66.344.000 евра, а втората транша е во износ од 32.256.000 евра. Рокот за отплата на двете транши од заемот е 15 години со вклучен, грејс-период од три години. 

На свеченост во близина на Неготино лани во јули се означија градежните работи на изградбата на гасоводот кон Грција. Гасоводот кој треба да ја поврзе Македонија со Грција, значи поврзување со европската енергетска мрежа и помала енергетска зависност на земјава. Цевковод во должина до грчката граница е 67 километри. 

Со изградбата на гасниот интерконектор, Македонија енергетски се диверзифицира, бидејќи претходно зависеше исклучиво од рускиот гас со кој се снабдувавме преку Бугарија.

„Изградбата на интерконекторот е од Гевгелија до Демир Капија. Има една редукциска станица и четири станици. Треба да се совладат неколку природни пречки, реки, патишта, железница. Ова е сериозен инжинерски зафат, кој бара посебни методи за премин на реките Вардар и Бошава. На трасата има доста карпест терен за совладување, што бара соодветна механизација за пробивање. Од потпишувањето на договорот и воведувањето во работа, досега имаме пробиено 12 километри од 67. Интензивно работиме и се надеваме дека во перидот до 22 месеци ќе го поставиме цевководот“, кажа тогаш Тони Каранфиловски, сопственик и управител на фирмата „Рапид билд“ која ги изведува градежните работи.

Гасоводот ќе има првичен капацитет од 1.5 милијарди кубни метри гас годишно со намера тој да се зголеми до 3 милијарди кубни метри гас. Изведувачот, компанијата Рапид билд, на вториот тендер понуди 12 милиони евра помалку од второрангираната компанија од Србија откако првиот тендер пропадна поради пропусти во тендерската постапка. 

Гасниот интерконектор кој го гради Грција од граница до местото Неа Месимгија во близина на Солун е практично завршен. Вкупната должина на гасоводното поврзување во двете земји е 124 километри кои официјално треба да профункционираат во 2027 година.

А.К.

Слично

Поврзани вести