Најжешки дебати за дијаспората-Кои закони ги усвоија пратениците од договорот во Пржино?
Македонските пратеници ги усвоија законите за кои политичките партии се согласија во Пржино.
Народните избраници по брза постапка гласаа за измените и дополнувањата во Изборниот законик, за измените и дополнувањата на Законот за кривична постапка, и исто така за Законите за заштита на личните податоци и за Владата.
Главните дебати се разгореа за гласањето на дијаспората и Законот за заштита на личните податоци, за кој дел од пратениците сметаат дека е штета на граѓаните.
Последна точка на дневен ред е Законот за Влада со кој е предвидено назначување на новите министри и дополнителни заменици-министри. Во оваа точка пратениците воопшто не дебатираа и го гласаа законот со 98 гласа „за“, 8 „воздржани“ и ниту еден глас „против“.
Следниот чекор е потпишување на указот од претседателот Ѓорге Иванов, а потоа се очекува Владата да ги предложи новите министри, кои ќе се заколнат пред Народното собрание.
Според неофицијални информации се очекува утре Владата да одржи седница на која ќе се назначи Оливер Спасовски за министер за внатрешни работи и Фросина Ременски за министер за труд и социјална политика.
Неофицијалната информација е дека новиот министер за информатичко општество ќе биде Марта Арсовски Томовска, заменичката на досегашниот министер Иво Ивановски.
