Унгарскиот премиер Виктор Орбан го доби орденот „8 Септември“
Со врачување на орденот „8 Септември“, македонскиот претседател Ѓорге Иванов му се заблагодари на унгарскиот премиер Виктор Орбан за поддршката што и ја дава на Македонија во однос на евроинтеграциите. Орбан кој допатува во официјална посета на земјава, претходно се сретна и со премиерот Никола Груевски.
На свеченоста претседателот Иванов посочи дека премиерот на Унгарија, е голем пријател на земјава, што се покажало и во најтешките моменти.
„Во време кога бевме обесхрабрувани господинот Орбан недвосмислено изјави дека местото на Македонија е во ЕУ и земјата заслужува да стане нејзина членка. Нема да ги заборавиме неговите зборови на поддршка во време кога Унгарија претседаваше со ЕУ“, рече Иванов и додаде дека кога беше донесен Меморандумот за Западен Балкан , Унгарија побара Македонија веднаш да ги започне пристапните преговори со ЕУ независно од преговорите за членство во Унијата.
Македонија и Унгарија, смета Иванов, се пријателски народи и држави кои скоро две децении имаат воспоставено дипломатски односи.
Орбан пак повтори, Унгарците се убедени дека Македонија има европска иднина.
„Македонија е една стабилна демократска национална држава и доколку народот на таа држава сама посакува нејзиното место е во Европа. Ние сме на страна на разумот и нашите дела се водени од разумот. Доколку Македонија се зачлени во ЕУ, ниту една држава од тоа нема да има никаква штета. Сите ќе добиеме и ние Унгарците и Македонците, сите ваши соседи и цела ЕУ. И свеста за ова порано или подоцна, но ќе стане европска“, рече тој.
Претходно Орбан и Груевски ја посетија спортската академија „Куќата на фудбалот“, а учествуваа и на Македонско-Унгарски бизнис форум.
Слично
