НАЈТЕШКАТА МИСИЈА: Името на „специјалниот“ ќе ја разбуди Македонија!?
Според договорот од Пржино, кој го потпишаа четирите најголеми политички партии денеска истекува рокот до кога треба да се избере специјалниот јавен обвинител, кој треба да ги истражува прислушуваните разговори кои ги објавуваше најголемата опозициска партија СДСМ. Партиски извори велат дека вечерва речиси сигурно ќе падне договорот за законското решение за обвинител.
Договор за специјален обвинител се уште нема. Иако, изминативе неколку денови се преговараше до доцна во ноќта, сепак отворени се сеуште сите прашања. Клучно прашање сеуште останува екипата на обвинители кои ќе бидат по надлежност на специјалниот обвинител. Според информациите, вечерва се очекува за прв пат да се разговара и за името на специјалниот обвинител, како и за екипата на обвинители.
ВМРО ДПМНЕ против предлогот на Брисел
Владеачката ВМРО ДПМНЕ беше против предлог законското решение кое го нудеше Европската унија. Амбасадорите на ЕУ и САД, Аиво Орав и Џес Бејли, како и посредникот Питер Ванхауте најголем дел од денот го поминаа на состанок со претставниците на ВМРО ДПМНЕ. Во разговорите, вчера беа вклучени и Мартин Протуѓер и Илија Димовски.
Се проблематизира скоро се
Забелешки за специјалниот обвинител владеачката партија според информациите имала и за многу други прашања. Спорни биле многу работи, буџетот на специјалниот обвинител, бројката на администрацијата, овластувањата на специјалниот обвинител и уште многу други теми биле осопорувани речиси на сите средби на работните групи.
Питер Ванхауте сеуште оптимист
Белгискиот експерт и олеснувач во разговорите меѓу партиските работни групи Питер Ванхауте е сеуште оптимист дека политичките партии можат да постигнат договор.
Ванхауте пред неколку дена, посочи дека една голема политичка партија не го почитува договорот, не сакајќи да открие за која партија станува збор.
„Подготвивме драфт верзија за измена на законот за избор на специјален обвинител, и дискутиравме и за можни имиња. Сепак, имаме сериозни проблеми. Првиот проблем е во врска со ова: воопшто, кога преговараш велиш збор си е збор, ако се согласиш на нешто, тоа е тоа, ако се согласиш за краен рок, тогаш го почитуваш крајниот рок. Можам само да видам дека една од најголемите партии не почитува никаков краен рок и не го почитува договорот. Ова не е начин на кој може да се преговара, ниту пак да се постигне договор, ако не го почитуваш она што е договорено на маса. Во Европа ние имаме систем на вредности и мислам дека луѓето и земјите кои сакаат да бидат членки на ЕУ, ја почитуваме нивната желба, но исто така има и систем на вредности кој треба да се прифати. Еден од најважните во тој систем е отчетноста, а отчетност значи секој јавен службеник има должност да биде отчетен и е одговорен кон граѓаните, има должност да им објасни на граѓаните што работи за тие да може тоа да го прифатат или одбијат. Секој сомнеж дека можеби имало злоупотреба на моќта, злоупотреба на фондови, треба да се гони правно - тоа е суштината. Специјалниот обвинител ќе има задача да го воспостави овој систем на отчетност и да осигура дека злоупотреба нема да се случи повторно, за секој кој е замешан во било што. Ова е клучната порака во врска со европските вредности, вредности за кои се надевам дека еден ден ќе бидат дел и од вашето општество," изјави во петокот Ванхауте.
Не е исклучена опцијата меѓународните фактори да понудат специјален обвинител
Се ситнат веќе часовите за избор на специјален обвинител, но сепак постои и опцијата доколку работните групи не изберат специјален обвинтел, тоа да го направат претставниците на ЕУ и САД во Македонија, кои се посредници во спроведувањето на договорот од Пржино од 2 јуни и 15 јули за надминување на политичката криза.
Собранието и пратениците на готовс
Доколку се постигне согласност за Законот за специјален обвинител и за името на Специјалниот обвинител, се очекува Собранието да гласа за предлог измените на Законот и да го потврди предлогот за Специјалниот обвинител, додека потоа тој да се именува од страна на Советот на јавни обвинители.
И.М
Слично
