Економија, финансии, бизнис

Контакт

Најстариот Крушевски хотел ИЛИНДЕН прераснува во комплекс со 4 ѕвезди!

Најстариот Крушевски хотел ИЛИНДЕН прераснува во комплекс со 4 ѕвезди!
На простор од 4500м2 се гради хотелски комплекс кој се очекува следната година да ги прими првите посетители. Елитен хотел за ловџии и параглајдеристи никнува на падините на крушевска корија, длабоко затскриен меѓу дабовите дрва од каде што се протега поглед на ова планинско гратче. Ловџии од Европа кои трагаат по нови ловишта и предизвици, параглајдеристи кои секоја година уживаат во спустовите по стрмните падини, како и љубители на алтернативниот туризам, еколошки здравата храна и зимските спортови, конечно ќе добијат свое елитно катче на 1300 метри надморска височина. Најстариот крушевски хотел ИЛИНДЕН сместен во коријата над градот, во непосредна близина на хотелот Монтана, деновиве доживува ренесанса. Новите сопственици на објектот ветуваат продолжување на традицијата стара шеесетина години. Сопствениците на фирмата КОРИЈА, изградија нов објект кој е во завршна фаза, но кој во основа го задржа стариот изглед кој се вклопува во духот на далеку познатата крушевска архитектура, од која бил воодушевен и познатиот француски архитект Корбизје, кој во 1927 година го посетил Крушево. Во тек се подготовките за внатрешно уредување на хотелот. Сопствениците се надеваат дека следната година ќе биде отворен за странските, но и за домашните гости. Граден во духот на традицијата со 57 соби за 150 гости, апартмани на два ката, базен, вински клуб, СПА центар и крушевска соба, тој се очекува да придонесе кон туристичката револуција на градот и да ги врати посетителите, кои со децении наоѓаа мир, спокојство и уживање во ова преубаво планинско место. Идејата на новите сопственици е да изградат прв хотел во земјава, кој ќе понуди комплетно сместување, организирање лов за странските ловџии кои традиционално доаѓаат во Македонија по предизвици и авантура. Ловџиите од Италија и од Грција, кои традиционално доаѓаат на лов во овие краишта што изобилуваат со секаков дивеч, со себе ќе можат да ги понесат и своите миленичиња. Во хотелот не само што ќе бидат угостени гостите, туку ќе има и посебен простор за нивните загари, за кои е планирано да се приготвува и посебна храна. Хотелот ИЛИНДЕН е најстар хотел во Крушево кој датира од 1949 година. "Кога почнал да работи бил главно сврталиште за младите, каде што се славеле полуматурски забави, се поминувале зимски распусти, се склопувале неразделни пријателства и се раѓале првите љубови. Се надеваме дека многумина кои ги врзуваат сентиментални спомени за овој хотел, по толку години, ќе се вратат повторно да уживаат во убавините на градот" вели  еден од сопствениците. Хотелот ќе го задржи стариот облик но во него се додадени нови содржини. "Во долниот дел има ресторантски содржини, просторија за престој со камин и голема тераса, која ќе ја поделиме на два дела -хотелска и ресторантска тераса, додека под подрумот извадивме нови содржини каде што ќе биде сместен СПА центарот. Кон брдото, од задната страна направивме нов пристап каде што гостите ќе можат да дојдат со своите возила до рецепцијата и изградивме фитнес и базен", велат  од проектантското биро "Ателје Ајвар" кои го изработија проектот за хотелот. Комплексот содржи затворен базен, простории за фитнес, спа центар и вински клуб. Централниот дел на хотелот е крушевската соба за дневен престој на гостите, кои покрај каминот ќе можат да уживаат, разговараат и да вкусат дел од традиционалните крушевски десерти и пијалоци. Од оваа соба гостите ќе имаат ќе имаат неверојатен поглед на градот кој од тука како да ви лежи на дланка. На лето, пак, просторот ќе биде отворен и гостите ќе уживаат на терасата со поглед кон околната шума и градот кој се назира низ дрвјата. "Хотелот ќе се поврзува со параглајдерски асоцијации, а ние ќе се погрижиме да им го осмислиме на гостите целиот престој во Крушево. Ако во 1981 година се забележани рекордни број ноќевања годишно, зошто во 2015 година да неможе повторно да се врати туризмот во овој крај" велат новите сопственици. Тие се надеваат дека првите гости кои ќе го исполнат хотелот ќе бидат токму многубројните љубители на екстремни спортови кои ќе учествуваат во Светскиот куп односно Европски шампионати во параглајдинг. Овде секоја година се одржуваат меѓународни натпревари, а најголемиот број параглајдеристи кои доаѓаат се од Словенија и Србија. Љубителите на екстремни спортови, пред се од скандинавските земји, тука ги одржуваат своите купови. Отсега ќе може да престојуваат и во нашиот хотел, кој е лоциран токму на крајот на градот и нуди лесен пристап до локациите од каде што тие ги прават своите спустови". Нивната цел е да придонесат во Крушево да се развие и алтернативниот туризам, а хотелот да им излезе во пресрет и да ги задоволи потребите на туристите кои би доаѓале за маунтбајкинг, снежни лудории, планинарење и спортски риболов. Крушево е посетено особено и во летниот период поради пријатната клима и свежината која ја нуди, далеку од градските горештини. Зиме, пак, снегот што паѓа просечно 43 дена во годината и долго се задржува овозможува идеални услови за развој на зимскиот туризам. "Крушево има одлични услови за маунтбајкинг и за промовирање нордиски дисциплини бидејќи веќе постои патека за скијачко трчање, а бидејќи станува збор за релативно евтин спорт, има шанси за негов развој. Има услови и за спортски риболов бидејќи езерото располага со различни видови риби". Тие додаваат дека една од најголемите инвестиции што се очекува во перспектива е скијчкиот центар "Мусица", за кој има најави дека инвеститори се заинтересирани за негова изградба. "Тоа ќе даде уште една димензија, ќе се развијат нордиските дисциплини и скијачкото трчање за што веќе е изградена патека и има развиено инфраструктура. Може да се организира и скијање на трева во летно време, доволно е да се постави специјална фолија на скијачките терени и може да се развие и овој интересен спорт", велат сопствениците на фирмата КОРИЈА. Тие се надеваат дека оваа идеја за хотелски комплекс со спа центар ќе наиде на добри реакции како кај домашните така и кај странските инвеститори, за вложување во овој или слични комплекси во Крушево. Тие се отворени за соработка за што поскоро завршување на оваа инвестиција. Р.Ф.
Слично

Поврзани вести