Најскапиот тендер без оглас во 2019 распишан за РЕК Битола
Милион и пол евра е најскапиот тендер за јавни набавки без распишан оглас што го евидентираше Институтот за граѓански комуникации во извештајот за првата половина од 2019, а станува збор за ангажирање на механизација од страна на АД ЕСМ за потребите за РЕК Битола.
Станува збор за постапка со преговарање без транспарентен процес, а ваквите склучени договори во првите шест месеци од оваа година чинат вкупно 9,6 милиони евра, што е за 11 итсто помалку од истиот период лани.
Склучени се вкупно 178 договори. Гледано од аспект на причините за склучување на овие договори, најголема вредност имаат анекс-договорите. Притоа, склучени се само 20 договори, но нивната вредност е висока и вкупно изнесува 4 милиони евра.
На второ место според вредноста се договорите што се склучени поради итност од набавката и немањето време за спроведување постапка за јавна набавка (склучени се 45 договори во вредност од 3,8 милиони евра).
На трето место се договорите каде што е применета оваа нетранспарентна постапка од технички или од уметнички причини, односно од причини врзани за заштита на ексклузивни права (патенти и сл.). Притоа, овде е склучен и најголем број договори, и тоа 105, во вредност од 1,7 милиони евра.
По други основи се склучени 8 договори, со мала вредност од 56 илјади евра, односно удел од 0,56 проценти.
