„НАЈМНОГУ РАБОТНИ МЕСТА СЕ ИЗГУБЕНИ ВО ИТ СЕКТОРОТ“: Фајненс тинк со анализа на растот на БДП и очекувањата за понатамошен раст
Во вториот квартал од 2025, БДП се зголеми за 3,4 отсто на годишна основа, благо забрзувајќи ја динамиката од претходните квартали. Остварувањето е во линија со нашите очекувањата изразени во претходниот Макроекономски монитор и проекцијата од 3,5 проценти за целата 2025 година, велат од Институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“ во нивниот најнов макроекономски монитор.
- Забрзувањето е, во голема мера, водено од растот во личната потрошувачка (3%), која продолжи да го отсликува позитивниот реален раст на платите, растот на пензиите и другите доходи и интензивираната кредитна поддршка на домаќинствата.
Додека, јавната потрошувачка (-1%) се намали по интензивирањето во текот на 2024. Растот на бруто инвестициите (6%) останува високо варијабилен, додека, извозот (9.1%) и увозот (8%) закрепнаа по продолжен период на стагнација и падови, но варибилноста и понатаму ги одразува неизвесностите кај трговските партнери на европскиот континент и од царинската политика на САД.
На производната страна, растот во овој квартал е на широка основа како и претходно, со благи забрзувања кај земјоделството (1.8%) и индустријата (3.9%), а задржување на динамиката кај градежништвото (7.3%) и услугите (2.7%) - објаснуваат од „Фајненс тинк“.
Посочуваат дека невработеноста во вториот квартал од 2025 благо се намали на 11,5 отсто од 11,7 проценти. Но, укажуваат дека во овој квартал, се намали и активноста на населението (52,2% од 52,4%), како резултат на што се намали вработеноста на 46,2 проценти од 46,3 отсто.
- Овие движења упатуваат на зголемување на воздржаноста на пазарот на труд. Сепак, губењето 1,000 работни места во нето износ во однос на претходниот квартал е секторски хетерогено. Најмногу работни места се изгубени во ИТ секторот (над 4 илјади, поради глобални секторски трендови) и јавната администрација (над 3 илјади), а креирани се работни места во градежништвото (над 4 илјади), хотели и ресторани (близу 4 илјади) и земјоделството (над 3 илјади), односно секторите со солиден реален раст на додадената вредност - објаснуваат од „Фајненс тинк“.
Потоа посочуваат дека во вториот квартал од 2025, инфлацијата благо забави на 3,8 отсто на годишна основа (од 4,2%), но и понатаму остана висока.
Според нив, опстојувањето е сé повеќе сврзано со ефектите од порастот на реалните доходи врз потрошувачката (раст на базичната инфлација од 4,9%). Овие ризици налагаат потреба од понатамошна претпазливост и од фискалната и од монетарната страна.
Динамиката на економијата од овој квартал се очекува да продолжи во текот на 2025 година. Ризик за растот остануваат глабалните неизвесности, а на домашната сцена основен ризик е упорната инфлација. Finance Think останува на проекцијата за реален раст на БДП во 2025 од 3,5 отсто, додека проекцијата за растот на цените се ревидира на 3,7 проценти.
