НАЈМНОГУ ОД ПОЧЕТОКОТ НА ВОЈНАТА: Украина увезла рекордна количина електрична енергија
Увозот на електрична енергија во Украина се зголеми за 40 проценти во јануари.
Увозот се зголеми во јануари 2026 година за 40 проценти во споредба со декември 2025 година и достигна рекордни 894 гигават-часови, поради постојаните руски напади врз украинскиот енергетски систем, објави во понеделник аналитичката компанија „ЕксПро“.
Како што е наведено во извештајот, ова е најголемиот обем на увоз на електрична енергија од почетокот на војната. Најголемиот дел од испораките доаѓаат од Унгарија, со удел од 45 проценти, додека испораките се зголемија од сите правци освен од Молдавија, објавува Ројтерс.
Во текот на последните месеци, Русија значително го зголеми интензитетот и обемот на нападите врз украинскиот енергетски сектор, насочени кон електрани, дистрибутивни мрежи и објекти за гасна инфраструктура. Два последователни напади врз производствените и топлинските енергетски капацитети во Киев оставија околу 6.000 станбени згради без греење, поради што операторот на електричната мрежа беше принуден да ја исклучи електричната енергија на цели делови од градот за неколку десетици часа.
Иако греењето е вратено во повеќето згради по неколку недели поправки, повеќе од 200 згради сè уште се без греење, во време кога невообичаено силни мразови ја погодуваат Украина.
foto freepik.com/DC Studio
