НАЈМНОГУ КОМПАНИИ ЗГАСНАЛЕ ВО ПАНДЕМИСКАТА 2020 ГОДИНА, бројот на активни субјекти во земјава се намалува
Намалување на бројот на активни компании во Македонија се забележува од 2019 година наваму. Имено, како што покажуваат податоците на Државниот завод за статистика до 2019 година имало постојан раст на бројот на активни деловни субјекти, кога бил достигнат врвот или максималниот број на активни деловни субјекти. Веќе од следната или од пандемиската 2020 година имаме постојано намалување на бројот на активни претпријатија.
Бројките велат дека во 2019 година вкупно во земајва биле регистрирани и работеле 75.914 компании, од кои најголемиот дел биле во Скопскиот регион, каде функцонирале 29.652 компании.
Веќе во 2020 година бројот на активни деловни субјекти се намалил за 2.853 компании и спаднал на 73.061, и притоа повторно најголем дел од компаниите функцонирале во Скопскиот регион, каде имало 28.548 регистрирани претпријатија.
Податоците на ДЗС покажуваат дека минатата година имало дополнително намалување на активните компании, кога бројот спаднал за 139 компании или поточно на 72.922 претпријатија.
Графиката подолу изработена од ДЗС покажува дека до 2019 година имало континуиран пораст на бројот на компании во земајва, но со почетокот на пандемијата нивната бројка добива надолна линија.

- Според претходните податоци на Државниот завод за статистика, во Република Македонија во 2021 година има 72.922 активни деловни субјекти. Податоците за структурата на активните деловни субјекти по региони покажуваат дека најголемо учество има Скопскиот Регион со 39,3 проценти, а најмало учество има Североисточниот Регион со 5,6 отсто - истакнуваат од ДЗС.
Податоците за демографија на претпријатијата покажуваат дека бројот на новосоздадени претпријатија во Република Македонија во 2020 година бил 5.141 компанија, додека бројот на згаснатите претпријатија во 2019 година изнесувал 5.407. Година претходно, односно во 2018, бројот на згаснати претпријатија изнесувал 4.879.
- Најголемо учество во структурата на новосоздадените претпријатија во 2020
година има Скопскиот Регион со 40,7 проценти, а најмало Североисточниот Регион со 6,3 отсто.
Во структурата на згаснатите претпријатија, во 2019 година најголемо учество има
Скопскиот Регион со 38,7 проценти, а најмало учество Североисточниот Регион со 5,9 отсто - се појаснува во анализата.
П.О.
