Економија, финансии, бизнис

Контакт

Најголемите работодавачи ги одржуваат помалите градови

Најголемите работодавачи ги одржуваат помалите градови

Најголемите работодавачи во Македонија се во тешката и во автомобилската индустрија. Само седум од овие компании вработуваат повеќе од 20.000 лица. Покрај суштинската важност што ја имаат за националната економија, овие компании имаат многу поширок удел во македонското стопанство.

Голем дел од нив се лоцирани надвор од Скопје и со тоа се голем поттикнувач на локалните економии во Штип, Прилеп, Битола, Кочани, Кавадарци. Значењето и уделот на овие компании во функционирањето на локалните средини започнува од вработувањето на локалното население, висината на платите а продолжува со останатиот финансиски придонес кон општините. Во некои од помалите градови, една ваква компанија, вработува голем процент од локалното работоспособно население.

Бројот на вработени заедно со висината на личниот доход, се најцврстиот столб на локалната економија и воопшто на малите средини. Така овие компании стануваат генератори на одржливоста на стандардот во помалите градови. Но, освен редовните исплати и извесноста на работното место, на вработените им се потребни и примања соодветно на стандардот во државата. Факт е дека, големите компании, странски инвестиции, трудово-интензивни и големи работодавачи, не секогаш се посакуван работодавец и со комплетно регулиран однос кон вработените.

Така, компанијата „Кромберг и Шуберт“, лоцирана во битолската индустриска зона, странска инвестиција од автомобилската индустрија, од 80.000 жители на градот вработува дури 5.500 лица. Според огласите за вработување, стартната плата во оваа компанија започнува од 18.000 до 22.000 па нагоре, зависно од позицијата.

Кавадарци е градот каде што има неколку компании што работат во неговата околина и коишто со обемот и бројот на вработени многу придонесуваат за развивање и економско засилување на градот. Токму тие придонеле за Кавадарци денес да е една од најразвиените општини со најниска стапка на невработеност. Таму, работи „Дрекселмајер“, една од позначајните странски инвестиции од автомобилската индустрија и класифицирана како трудово интензивна компанија со што вработува 5.500 лица.

Во Кавадарци најпознат и најпосакуван работодавач е преработувачот на никелова руда, „Еуроникел Индустри“, кој веќе 5 години со континуираното работење на најголемите светски пазари, обезбедува вработување за повеќе од 1.000 лица само во компанијата. По бројот  на вработени Еуроникел не е трудово-интензивна, а според достапните податоци, примањата што вработените во оваа компанија ги добиваат се значајно повисоки од другите трудово-интензивни компании и тука просечната плата изнесува речиси 40.000 денари. На база на соработка со Еуроникел, уште приближно 200 транспортери и други локални компании континуирано работат, со што се обезбедува вработување за уште барем 1.000 лица. За оваа кавадаречка компанија, исто така е познато дека е една од компаниите каде функционира Синдикална организација и склучен е Колективен договор со којшто се дефинирани дополнителни права и бенефиции за вработените.

Додека пак, прилепската „Гентерм“, исто автомобилска индустрија, вработува приближно 2000 лица. Гентерм на повиците за вработување нуди од 18 илјади денари, па нагоре со сите додатоци оброк, превоз, бонуси за ефикасност и квалитет, минат труд, прекувремена работа, празнична работа, ноќна смена, додаток за работа во смени, тринаесетта плата, К-15.

Кочани е град со 30 000 жители, а „Амфенол“, технолоџи компанија, исто така од автомобилска индустрија вработува 1.829 локални жители и оваа компанија според огласите за вработување нудела плата од 18.000 денари па нагоре.

Листата на значајни компании што се големи работодавачи, посебно во помалите општини продолжува со „Адиент сеатинг“, автомобилска индустрија лоцирана во Штип и вработува 2.058 лица.

Овие компании, освен континуираниот придонес кон националната и локалната економија, преку влијание врз растот на БДП, поттикнување на локалниот развој, навистина се и големи работодавачи, а значаен дел влегуваат во категоријата трудово-интензивни компании. Тие вработуваат голем процент од македонското население и се главен причинител што во последниот квартал од 2021, од страна на Државниот завод за статистика, забележана е историски најниска стапка на невработеност од 15,2 отсто.

Слично

Поврзани вести