Најголемите нафтени компании заработуваат дополнителни 30 милиони долари на час?
Според анализата направена за британски Гардијан, 100-те најголеми светски нафтени и гасни компании заработувале повеќе од 30 милиони долари на час „незаработени“ профити во текот на првиот месец од американско-израелската војна во Иран. Меѓу најголемите добитници се Сауди Арамко, Гаспром и Ексон Мобил.
Војната ја зголеми цената на нафтата на околу 100 долари за барел во март, што донесе проценет дополнителен профит од 23 милијарди долари за тој месец. Доколку се задржи оваа цена, компаниите до крајот на годината би можеле да заработат околу 234 милијарди долари.
Овој дополнителен приход доаѓа на сметка на граѓаните и бизнисите, бидејќи тие плаќаат поскапи горива и енергија. Затоа, многу држави ги намалија даноците за гориво за да му помогнат на населението, што значи помалку пари за јавни услуги. Поради ова расте притисокот за воведување посебни даноци на овие „воени профити“, а Европската комисија размислува за ваква иницијатива на неколку европски земји.
Најголем добитник е Арамко, кој би можел да заработи дополнителни 25,5 милијарди долари во 2026 година. Руските компании како Гаспром, Роснефт и Лукоил заедно би можеле да заработат околу 23,9 милијарди долари, што дополнително го пополнува рускиот буџет.
Голем пораст на профитот бележат и американските компании, ExxonMobil би можел да заработи околу 11 милијарди долари, Shell околу 6,8 милијарди, а Chevron околу 9,2 милијарди. Нивната пазарна вредност дополнително се зголеми поради скокот на цените на акциите.
Експертите предупредуваат дека последиците од овој конфликт би можеле да бидат долготрајни. Директорот на Меѓународната агенција за енергетика Фатих Бирол оцени дека кризата во Иран е најголемиот шок за светскиот енергетски пазар во историјата.
Севкупно, оваа ситуација уште еднаш покажува колку се профитабилни секторите за нафта и гас, тие со децении остварува профит од околу 1.000 милијарди долари годишно, со големи државни субвенции.