Економија, финансии, бизнис

Контакт

Најголемиот трговец со пестициди во Македонија доби нов српски газда

Најголемиот трговец со пестициди во Македонија доби нов српски газда

Најголемиот трговец со пестициди за заштита на земјоделските плодови во Македонија,  „Хемомак“ од Велес, доби нов српски газда - Агромаркет Логистик од Крагуевац, најголемата компанија за оваа дејност во регионот.

„Хемомак“ е една од најголемите компании од Велес и редовно е меѓу десетте друштва со најголеми приходи во рамките на оваа општина. Лани оствари вкупни приходи од 8,4 милиони евра со само 25 вработени.

Велешанецот Горан Јовановиќ останува и натаму како еден од сопствениците на компанијата која се грижи за „продолжување на животите“ на производите во македонското земјоделство, а според договорот за преземање на удел, ќе може да потпишува самостојно трансакции до 300.000 евра. Јовановиќ ја потврди информацијата за „Фактор“, но ни рече дека не е овластен од партнерот да дава изјави.

Инаку Агромаркет Логистик е водечки дистрибутер, претставник и производител на најширокото портфолио на агро и градинарски производи на пазарот на Западен Балкан. Дистрибуира повеќе од 40 отсто пестициди на пазарните области на Србија и околу 1/3 од пазарите во околните земји (Босна и Херцеговина, Црна Гора, Македонија, Косово, Словенија и Албанија), додека семенските производи заземаат над 25 проценти од пазарот. Во делот на ѓубрива (т.н. тонажни и растворливи во вода) компанијата има учество до 25 проценти. Овие бројки се слични и во соседните земји каде што компанијата Агромаркет е присутна преку своите дистрибутивни центри.

Секојдневно доставува производи до над 3.500 малопродажни и големопродажни објекти, од кои повеќе од 2.000 земјоделски аптеки, преку 100 земјоделски имоти и земјоделски задруги, повеќе од 200 земјоделски фарми, над 100 хипермаркети и околу 1.000 објекти кои продаваат градинарски производи.

Агромаркет е дел од холдингот Агромаркет Група, во која влегуваат 11 фирми и заедно остваруваат над 250 милиони евра годишно. Холдингот пред три години ја купи „Семенарна Љубљана“ во Словенија.

А.К.

Слично

Поврзани вести