Најголемиот европски производител на оружје влегува на Балканот: Купува фабрика во соседството
Еден од најголемите европски производители на оружје, германската компанија „Рајнметал“ (Rheinmetall), го проширува своето присуство на Балканот со преземање на мнозински удел во хрватската компанија DOK-ING, специјализирана за беспилотни копнени системи.
Според договорот потпишан во Загреб, „Рајнметал“ ќе преземе 51 процент од акциите на компанијата, додека основачот и досегашен сопственик Вјекослав Мајетиќ ќе задржи 49 проценти.
Германската компанија со седиште во Дизелдорф бележи силен раст во последните години. Од почетокот на војната во Украина, акциите на „Рајнметал“ пораснале за околу 1.000 проценти, а компанијата во 2023 година влезе и во германскиот берзански индекс DAX.
Под водство на извршниот директор Армин Папергер, компанијата во 2024 година остварила приходи од речиси 10 милијарди евра, додека нарачките достигнале рекордни 64 милијарди евра.
„Почна ерата на повторно вооружување“, изјави Папергер.
Компанијата има долга историја која започнува уште во 1889 година, кога произведувала муниција за Германското царство. По Првата светска војна, поради ограничувањата од Версајскиот договор, таа привремено се насочила кон цивилно производство – локомотиви, земјоделски машини и пишувачки машини.
По Втората светска војна военото производство повторно било дозволено со формирањето на Бундесверот во 1956 година, а компанијата постепено станала еден од клучните партнери на НАТО.
Денес „Рајнметал“ произведува широк спектар на воена опрема, вклучувајќи борбени возила, муниција и напредни електронски системи, а значајна улога има и во производството на оружје за тенкот „Леопард 2“.
По почетокот на војната во Украина, побарувачката за нивната артилериска муниција и воена опрема значително порасна, што доведе до брза експанзија на компанијата.
Во последните години „Рајнметал“ отвори нови производствени капацитети во Германија, Литванија, Летонија и Романија, а основа и заедничка компанија во Киев за производство и одржување на оклопни возила.
Со преземањето на дел од хрватската компанија DOK-ING, германскиот гигант дополнително го зајакнува своето присуство во регионот и ја проширува соработката во развојот на напредни беспилотни воени системи.
