Најголемиот експлоататор на мермер во Македонија плати двојно поголем данок иако оствари помали приходи и добивка
Со новововедените правила на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, Мермерен комбинат Прилеп плати двојно поголем данок иако во извештајот дставен до Македонска берза прикажа помали приходи и добивка.
Во расходите за платен данок е прикажан трошок во билансот за работењето во 2025 од речиси 2,5 милиони евра, или поточно 145 милиони денари, на приходи кои се намалени за 4 отсто во однос на претходната година и изнесуваат 31 милион евра
Сепак, профитната маржа и натаму е висока и носи огромна добивка за акционерите На приход од 31 милион евра, остварена е добивка пред оданочување од 14,24 милиони евра, иако таа овој пат е помала за 15 прооценти во однос на 2024.
„По измените на Тарифата за утврдување на висината на надоместоците за
експлоатација на минерални суровини, концесискиот надоместок на Друштвото бележи зголемување за 312% во
споредба со претходната година“, објави Мермерен комбинат Прилеп во берзанскиот извештај.
Добивката е огромна и во однос на платите како трошок за вработените. Оваа ставка изнесува само 5 милиони евра за работниците, иако е зголемена за 8 отсто од страна на акционерското друштво..
Пред 1 јануари 2025 беше донесена промена на тарифникот со која што за експлоатација на мермер концесискиот надоместок за државата изнесува 5 отсто од приходот од продадената минерална суровина.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини пред 2025 соопшти дека започнува со наплата до 100 отсто зголемени надоместоци за експлоатација на природните ресурси, со цел да се воведе ред во користењето на националните богатства и фер наплата.. Овие средства би биле насочени кон подобрување на јавните услуги и поддршка на економскиот развој.
- Со новите измени обезбедуваме фер наплата за користење на нашите национални богатства, штитиме одржлив развој и гарантираме придобивки за сите – и за државата, и за приватниот сектор, истакна министерката Сања Божиновска.
Во Прилеп е најавено отворање на канцеларија на државниот инспекторат при Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, пред се за контрола на концесиите и експлоатацијата на наѓалиштата на мермер. Минатиот месец беше одржана средба со концесионерите и локалната самоуправа.
А.К.
