НАЈДОВ ЗЕЈТИН ЗА 88 ДЕНАРИ, ОДЕТЕ: Некаде беше и 105 денари, зовреа „замрзнатите“ цени
Големи разлики во цените на основните производи имаше изминатиов викенд во маркетите ширум државата, иако за некои од нив се донесе одлука да се продаваат по набавна цена, а за други се замрзнаа профитните маржи што дополнително требаше да ги поевтни.Од друга страна од петокот се донесени измените на Законот за ДДВ според кои треба да се намали овој данок од 5 на 0 отсто. Оваа мерка треба да се примени откако ќе се усогласат и фискалните каси. Сепак само маслото за јадење на пример, и покрај тоа што требаше да се продава по набавна цена, викендов во еден поголем ланец маркети чинеше 105 денари, во друг 98 денари, а во трет маркет 100 денари. Само маслото за јадење впрочем беше поскапено од 10 до 15 денари низ маркетите, што алудира на тоа дека цените не се усогласени. Државниот пазарен инспекторат вршел контроли и утврдил неправилности.
Повисоки цени на дел од основните производи беа забележани насекаде, а надлежните уверуваа дека ќе следи поевтинување, што ги збуни потрошувачите. Дел од граѓаните кои начекаа поевтин производ некаде, си разменуваа цени на социјалните мрежи па рафтовите се празнеа повторно.
„Купив зејтин за 88 денари, има уште, споделуваа граѓаните на фејсбук.
„Кај нас во маркетот беше 105 денари, додава друг.
Дали ќе има смирување на хаосот веќе од денеска ќе покаже денот. Откако ќе излезе во Службен весник усвоената одлука, со нула ДДВ треба да се продаваат лебот, шеќерот, брашното тип 400, сончегледово масло, трајното млеко свежо месо, оризот и јајцата. Сите беа поскапени викендов.
Министерот за економија Крешник Бектеши дополнително изјави на 10 март дека белиот и полубелиот леб, сончогледовото масло за јадење и брашното од пченица тип 400 од тој ден трговците мора да ги продаваат по набавна цена, односно без профитна маржа.
Во саботата пак беше во посета на фабриката за производство на масло за јадење „Брилијант“ во Штип, каде направив увид како се спроведуваат одлуките кои што ги донесе Владата по предлог на Министерството за економија за заштита на домашното производство на основни прехранбени производи.
„Исто така, Северна Македонија има многу подобри цени споредено со земјите во регионот, а цените дополнително ќе се намалат во наредниот период и како резултат на одлуката за намалување на маржите и како резултатите на намалувањето на ДДВ на основните прехранбени производи од 5 на 0 проценти за што законското решение беше донесено од страна на пратениците во Собранието, изјави Бектеши.
На листата на производи повеќе не е вклучено овошјето и зеленчукот. Мерката ќе важи за шеќерот, трајното кравјо млеко, свежо месо, сирење, урдата, македонскиот ориз, јајца, шпагети и макарони и тоа до 31 мај.
На терен сепак имало прекршувања. Министерството побарало, а Државниот пазарен инспекторат бил на терен. Според информациите во изминативе денови направени се 162 контроли за да се испита почитувањето на одлуката за замрзнати профитни маржи кај маркетите. На тапет кај инспекторатот се нашле 33 трговци, од кои 13 во петокот. Веќе е познато дека осум од нив добија казни од 7.000 евра плус 350 за одговорното лице. За вчера биле санкционирани 20 трговски објекти, од кои кај 8 било утврдено непочитување на замрзнатите маржи.
Викендот што помина поскапо се продаваа и месото, јајцата, рибата, секако и производите чии цени требаше да бидат замрзанти.
А.Т.
