Економија, финансии, бизнис

Контакт

ИНТЕРВЈУ со најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа: Во Македонија не се вложува ни денар во тенисот

ИНТЕРВЈУ со најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа: Во Македонија не се вложува ни денар во тенисот

Младата тетовчанка Лина Ѓорческа во моментов е на 277 место во светот на тенисот, а најавува и нови успеси и скок на ВТА ранкингот. 21 годишната тенисерка е студент на меѓународни комуникации и дипломатија на Универзитетот ЈИЕУ во Скопје. Моментално тренира во Теннис Парк, тениските терени во спортскиот центар Јане Сандански. Идол и е Надал, кој според неа е идеал каков треба да биде еден спортист. До овој најголем успех во тенисот во женска конкуренција стигнала со многу труд и работа и не крие дека од државата не добива ни денар. Но, ветува во скоро време дека Макеоднија ќе има свој претставник на престижниот турнир УС Опен.

Фактор: Сега си на 277 место на ВТА ранкингот, што е твој најголем успех досега и воопшто на некој македонски тенисер. Колку труд вложи за да влезеш во прва та 300-ка?

Ѓорческа: После полуфиналето во Истанбул имав скок на ранг листата од 40 места , со што се најдов на 277 место и тоа е мојот најдобар успех . Во женска конкуренција воопшто во историјата на македонскиот тенис мојот резултат е најдобар а кај мажите тука е Русевски кој бил околу 240 место , меѓутоа се надевам дека со следните неколку турнири ќе го поминам и него , Секако дека и тој би бил среќен ако се случи тоа :)) Оние што следат и што се разбираат во тенис знаат колку тежок спорт е и колкава жртва бара. Но, со големата желба за се подобар резултат и со повеќе работа , резултатите си доаѓаат со тек на време .

111

Фактор:Колку време тренираш, кога првпат го зема рекетот во рака и кој беше иницијаторот?

Ѓорческа: Со тенис почнав на 6 годишна возраст во Тетово. На почетокот брат ми тренираше тенис, а ја одев со него на тренинзи да го гледам и од страна сама ги правев вежбите што му ги даваше тренерот . Кога тренерот им кажа на моите родители дека гледа огромен потенцијал во мене , почнав и јас со тренинзи . Немаше баш некој иницијатор за да тренирам , како секое љубопитно дете не ми беше воопшто тешко , напротив .

Фактор:Кој е твој идол од светот на тенисот?

Ѓорческа:Навивам за Надал , начинот на кој се бори за секој поен , начинот на кој го прифаќа секој пораз како вистински спортист и потоа тренира уште понапорно за да ја усоврши својата игра е инспиративен . И покрај повредите никогаш не се предава и оди до крај. Според мене Надал е идеал за тоа како треба да изгледа еден врвен спортист .

3333

Фактор: Дали си имала прилика да ги запознаеш тенисерите и тенисерките од топ 10?

Ѓорческа: Минатата година на Фед Купот во Црна Гора имав прилика да ја запознаам Каролин Возњацки ,која со останатите од екипата на Данска се бореа за влез во втората група.

Фактор: На колку турнири си настапувала досега?

Ѓорческа: Уфф тешко прашање. Од кога завршив со јуниорските турнири и почнав со професионални WTA турнири , играм по околу 20 турнири годишно.

Фактор:Освен што тенисот е твоја животна определба, дали си задоволна и од финансискиот бенефит што го носи овој спорт?

Ѓорческа:Тенисот е најскап спорт во светот , ако немаш доволно средства за да патуваш по турнири низ целиот свет , во тој случај со тенис можеш да се занимаваш но само рекреативно. Да , кога ке бидеш во топ 100 во светот ке почнеш да заработуваш повеќе отколку што трошиш , но дотогаш е проблемот . Не знам како е во другите спортови во Македонија, но за тенисот не се вложува апсолутно ништо . Да не зборуваме за спонзори , за финансиска поддршка како што е во сите други држави .

Фактор:Дали имаш време за забави, журки, дружење со твоите пријатели или се ти е подредено прво на тенисот?

Ѓорческа:Тенисот е спорт кој бара огромна жртва , одрекување од безброј работи . Најчесто одам на турнири по 2 , 3 недели , а потоа една недела сум дома и повторно патување на други турнири . Таа една недела кога сум дома пак мора да се тренира , да се подготвувам за следниот турнири и повторно нема простор за забави , дружења како сите останати на моја возраст . Понекогаш се случува да ми недостасуваат тие некои работи , меѓутоа со секој добар резултат и со секој скок на ранг листата сето тоа е небитно .

444

Фактор:Какви се твоите планови за иднина и на професионален и на приватен план?

Ѓорческа: Еве овој викенд одам повторно за Турција на друг турнир , потоа ке следуваат појаки турнири во Унгарија и во Италија. Не сакам да прогнозирам, но се надевам на уште подобри резултати оваа година , и би сакала да изборам место на квалификации за грен слам турнир , ако не УС ОПЕН на крајот на оваа година , тогаш следната година сигурно . Ќе ми биде задоволство конечно и Македонија да има претставник на најјаките турнири во светот , а ви ветувам дека ќе биде тоа во скоро време.

Слично

Поврзани вести