НАЈДЕНИ ИМ СЕ ПАРИ, ОРУЖЈЕ, УНИФОРМИ: Во Црна Гора се уапсени 12-мина платеници што војувале за Русија во Луганск
Во Црна Гора се уапсени 12-мина платеници што војувале за Русија во Луганск. На 13 локации во три града, пронајдени се оружје, униформи, картички на Црногорското козачко братство…
Уапсен е Данко Савиќ, државјанин на Босна и Херцеговина(БиХ) со постојан престој во Црна Гора, кој имал на сметката 1,5 милиони евра, кои, како што верува црногорската полиција, ги стекнал во текот на престојот во руските формации.
Савиќ е уапсен во продолжението на координираната акција со кодно име „Луганск“, заедно со уште 11 лица. При претресот на станбени и на други простории на 13 локации – 12 станбени и помошни згради и една адвокатска канцеларија, во Даниловград, Никшиќ и во Подгорица запленети се 12,2 килограми експлозиви, 24 парчиња огнено оружје, повеќе од 1.000 парчиња муниција, неколку рамки, девет ножа, сабји и бајонети, како и униформи, знамиња и други обележја на формациски организации и групи, панцири, шлемови. Биле запленети и СИМ-картички, комуникациски уреди, оптика за ноќно гледање, опрема за чистење оружје, радиостаници, сигнален пиштол, делови од огнено оружје, гас-маска, амблеми со грбови и натписи, метален боксирач, како и идентификациски картички на Црногорското козачко братство, честопати со различни имиња, но и документација што укажува на поседување вреден имот.
Материјалните докази, според полицијата, укажуваат дека Савиќ учествувал во странски воени структури на Руската Федерација во Луганск, во периодот од почетокот на 2023 до почетокот на 2025 година. Савиќ, кој е поранешен припадник на Југословенската армија претходно јавно се прогласи за атаман, односно козачки командант, поврзувајќи се со Балканската козачка армија, организација за која се тврди дека е поврзана со Централната козачка армија на Русија, блиска до претседателот Владимир Путин. Некои медиуми, повикувајќи се на податоците на Дигиталниот форензички центар, потсетуваат дека Балканската козачка армија стои зад здружението „Сојуз на доброволци од Донбас“.
