Најбогатиот градоначалник во Македонија има милионски парцели за изградба на згради и куќа од 10 милиони евра во Албанија
Сопственикот на градежната компанија „Трим и Лум“, Менди Ќура, е дефинитивно најбогатиот градоначалник во Македнија, по објавувањето на неговиот анкетен лист од страна на Државната комисија за спречување на корупција.
Во имотната состојба на новиот градоначалник на Струга е наведено дека бизнисменот преку договори за купопродажба има 48 метри квадратни од станбена зграда во Центар од 2022 со проценета вредност од 120.000 евра. Од 2019 лично преку договор за купопродажба поседува 90 м2 од станбена зграда во Карпош од 150.000 евра, станбена зграда во Струга од 90 метри квадратни што вреди 136.000 евра и стан, исто така во Струга, од 110 м2 со проценка на 166.000 евра.
Лично има шест недвижнини преку договори за градба - главно стекнати во 2011 и 2009 година и сите се во Струга. Највисокопроценет таков имот кој катастарски се води како „станбена зграда“ на површина од 291 м2 вреди 500.000 евра. Престанатите пет се прценети на 131.000, 115.000, 106.000, 60.000 и 43.000 евра.
Од други недвижнини што Ќура ги стекнал од 1997 до 2020-та, пријавени се земјоделски земјишта од 7.129 м2 во Биџево од 200.000 евра и 936 м3 во Струга од 50.000 евра, како и пасиште кое катастарски се води во Струга со површина од 465 м2 и проценета сегашна вредност од 50.000 евра.
Ќура од 2021 лично преку договор за купопродажба поседува и станбена куќа во Албанија, но во анкетниот лист не се споменува конкретното место. Запишано е само дека површината е 690 метри квадратни и дека вреди 10 милиони евра.
Во октомври лани пред локалните избори градежниот инвеститор купил Mercedes Benz S580 V4, призведен во 2021. Ќура смета дека возилото вреди 150.000 евра. По изборите рече дека нема да користи службено возило како градооначалник, туку дека ќе го вози своето.
Ќура како независен кандидат поддржан од ВРЕДИ и ВМРО-ДПМНЕ, прогласи победа во вториот круг на локалните избори пред Арсим Далипи од коалицијата предводена од ДУИ, по што го наследи Рамиз Мерко. Коалицијата која го поддржува Ќура сепак нема мнозинство во Советот на општината, а во првиот круг победата беше само со 250 гласови разлика.
А.К.
