Економија, финансии, бизнис

Контакт

Најавуваната голема грчка инвестиција основа компанија во Македонија

Најавуваната голема грчка инвестиција основа компанија во Македонија

Холдингот Митилинеос основа своја компанија во Македонија по неколкугодишни преговори со македонската влада за инвестиција во изградба на гасна централа од која ќе се произведува електрична енергија.

Индустрискиот конгломерат има годишен обрт од околу две милијарди евра, а заедно со Мотор Оил се двете грчки компании кои поранешниот премиер Зоран Заев ги најавуваше како најголемите кои сакаат да инвестираат во Македонија по потпишувањето на Преспанскиот договор.

Непосредно пред оставката лани Заев објави дека Митилинеос е пред одлука  за изградба на гасна електрана со капацитет од 110 мегавати во Скопје, а во главниот град ваква постројка ќе изгради и државното АД ЕСМ со 54 мегавати.

За претходно најавувана голема инвестиција од стотина милиони евра, од Владата велат дека нема да се објавуваат информации додека не се договорат сите детали.

- „Митилинеос“ е една од водечките грчки компании во делот на индустријата и енергетиката. Присутни се на пет континенти со портфолио во четири сегменти, енергија и гас, металургија, обновливи извори и складирање на енергија и напредни решенија за одржлив развој. „Митилинеос“ е една од најголемите странски компании кои основаат своја компанија во Република Северна Македонија. Во моментот сѐ уште не се дефинирани сите детали и услови по кои би се реализирала потенцијалната инвестиција и не е коректно во овој момент да објавуваме информации, велат од Владата.

Инвестицијата се најавува во период кога Македонија е дел од европските планови за диверзификација и за намалување на зависноста од рускиот гас, додека истовремено планот е поврзување со терминалите во Александрополис.

- Имајќи предвид дека во изминатите 30 години инвестициите во нови производни енергетски капацитети беа минимални, увозната зависност на електрична енергија значително се зголеми и како резултат на тоа се одлеваат и девизни резерви за увоз на електрична енергија. Проектот ќе биде во согласност со Стратегијата за развој на енергетиката до 2040 година, во која се предвидува енергетскиот микс да го сочинуваат фотонапонските, ветерните, гасните и големите хидроелектрани, додаваат од Владата.

„Митилинеос“ ја регистрираше дејноста во Македонија на крајот на април. Евангелос Митилинеос, претседател и извршен директор на Групацијата Митилинеос, кој беше меѓу бизнисмените кои во 2019 го придружуваа тогашниот грчки премиер Алексис Ципрас во Скопје, рече дека „Северна Македонија како мала земја не може да се опише како Ел Дорадо, но дека очигледно има можности за бизнис“.

А.К.



Слично

Поврзани вести