Најави за нови откази во МПМ
Менаџментот на МПМ, кој под своја капа ги има трите дневни весници „Дневник“, „Вест“ и „Утрински весник“, на вработените во „Вест“ им соопштиле дека 7 лица мора да одат технолошки вишок.
Им понудиле или сами да одберат кој сака доброволно да си замине или компанијата да одлучи од кои вработени ќе се ослободи.
Дополнително, според информациите, раководството на МПМ дневниот спортски весник „Македонски спорт“ го спојува со „Утрински весник“, а од спојувањето вишок остануваат две лица кои исто така ќе мора да се збогуваат со компанијата.
Во медиумскиот свет, утрово стаса и веста дека бизнисменот Орце Камчев го купил и спортскиот интернет портал „Спортмедиа“. По промената во сопственоста познатиот спортски новинар и управител во „Спортмедиа“, Горан Антевски веднаш најави негово заминување. Со него заминува и Тања Јовановска, поранешна новинарка во економската редакција на „Вест“ која исто така беше ангажирана во овој спортски медиум.
Превирања и откази во дневните весници на МПМ, изминатиот период има често. Претходно, на почетокот на годината, раководството на МПМ не му го продолжи договорот и на главниот и одговорен уредник на „Вест“, Горан Михајловски. На негово место, од уредничката позиција на МТВ, беше донесен Горан Петрески.
Дополнително освен Петрески, во Вест дојдоа и новинарката Слаѓана Димишкова, која е прв човек на Македонската асоцијација на новинарите. Критичарите тогаш обвнија дека по заминувањето на Михајловски, на „Вест“ му се случи вмроизација.
Р.Ф
