НАГРАДА: 50.000 евра за „кодошење“ на колегата
Словенечката Нова Љубљанска банка (НЛБ) воведува стимулација за вработените кои се подготвени да го пријавуваат неправилното работење на нивните колеги во службата на банката.
Проектот популарно се нарекува „внатрешна полиција“ и предвидува парични награди од 50.000 евра за „дошепнувачите“.
„Награда добива оној кој со своето дошепнување ќе спречи да дојде до поголема штета за банката“, објаснува Рок Прапротник, некогашен член на словенечката владина Антикорупциска комисија. Тој сега раководи со Одделот на банката каде ќе се собираат дојавите и во кој во моментов има 17 вработени.
Синдикатот на вработените во НЛБ и дел од банкарите сметаат дека сепак се работи за неетички пристап. „Ова е пракса која е позната во банкарскиот сектор. Секој вработен со закон е обврзан да ги пријави незаконските дејства, без никаква награда за тоа“, вели Франце Архар, долгогодишен банкар.
Според Прапротник, пак, наградувањето на дошепнувачите веќе е меѓународна пракса. Во НЛБ секој месец се откриваат по десетина неправилности - дел од нив завршуваат со кривични пријави или отпуштања на вработените.
НЛБ е сопственик на македонската Тутунска банка, но нема информации дали ваквата пракса ќе започне да се применува и во останатите земји каде што работи банката.
Слично
