Нафтата за домаќинства поскапе, Грците уште повеќе се откажуваат
Грчките семејства кои масовно се исклучија од системот за нафта за загревање на домаќинствата со почетокот на должничко-финансиската криза во земјата, уште повеќе ќе се откажуваат од овој начин на затоплување на домовите, откако беше објавено дека дериватот кој ќе почне со продажба од стартот на грејната сезона на 15 октомври ќе поскапува за 15 до 16 отсто во однос на лани.
Здружението на добавувачи на гас во северниот пристанишен град Солун преку соопштение денес ги информира потрошувачите да се подготват за значителен пораст од 15 до 16 отсто.
Цената за литар ќе чини од 1,11 евра во градовите до 1,25 евра во оддалечените делови на земјата и на островите.
Со оглед на ова очекувано зголемување, добавувачите ја поттикнуваат владата да размисли за олеснување на специјалниот данок што се наплаќа од нафтата за домаќинства, со цел да се намали крајната цена на потрошувачите.
Десетици илјади грчки домаќинства го отфрлија централното греење од почетокот на кризата, не можејќи да си ја дозволат цената на нафтата.
