Економија, финансии, бизнис

Контакт

НАФТАТА РАСТЕ, ДОЛАРОТ СТАБИЛЕН, ЕВРОТО СЕ ЛИЗНА, инвеститорите внимателни

НАФТАТА РАСТЕ, ДОЛАРОТ СТАБИЛЕН, ЕВРОТО СЕ ЛИЗНА, инвеститорите внимателни

Цените на акциите пораснаа на азиските берзи во четвртокот, по големиот пад претходниот ден, но инвеститорите се внимателни поради шпекулациите дека поради високата инфлација, американската централна банка наскоро би можела да ги зголеми каматните стапки за цел процентен поен.

Индексот на MSCI на азиско-пацифичките акции, без Јапонија, беше во плус 0,4 отсто околу 7 часа, откако вчера потона за повеќе од 2 отсто.

Утрово на токиската берза индексот Никеи порасна за 0,2 отсто, додека цените на акциите во Австралија и Хонг Конг пораснаа меѓу 0,2 и 0,4 отсто. Во Јужна Кореја и Шангај, пак, тие паднаа меѓу 0,2 и 1 процент.

Поголемиот дел од азиските берзи го следат растот на Волстрит вчера, кога Dow Jones зајакна 0,10 отсто, S&P 500 околу 0,3, а Nasdaq индексот 0,7 отсто.

По остриот пад од претходниот ден, пазарот вчера малку се смири, но се тргуваше нестабилно бидејќи инвеститорите се неизвесни за зголемувањето на каматните стапки од страна на американската централна банка.

Како што покажа извештајот еден ден претходно, инфлацијата во САД во август беше 8,3 отсто, повисока од очекуваното, па надежите на инвеститорите дека ФЕД ќе го забави темпото на зголемување на каматните стапки исчезнаа.

Всушност, имаше шпекулации дека ФЕД може да ги зголеми каматните стапки за цел процентен поен на седницата во септември.

„Инвеститорите си ги бришат раните, по остриот пад на пазарот претходниот ден. Дебатата за инфлацијата продолжува, а податоците потсетија дека битката со инфлацијата е тешка и ФЕД треба да биде агресивна за да ги спречи инфлаторните притисоци“, рече Рајан Детрик, стратег во групата Карсон.

Инвеститорите стравуваат дека подолг период на затегнување на монетарната политика ќе ја доведе економијата во подлабока рецесија.

Технички, американската економија веќе западна во рецесија, имајќи предвид дека во последните два квартали паѓа на квартална основа, но засега рецесијата е плитка.

„Пазарите на капитал во моментов се на ничија земја. Добрите макроекономски податоци се намалени бидејќи централните банки ја заоструваат монетарната политика за да го забават растот, додека инфлацијата не се намалува доволно брзо. Изгледа дека ФЕД може да биде принудена да го забрза темпото“. - изјави Шон Дарби, стратег во Jefferies.

Од друга страна, вредноста на доларот во однос на кошницата валути стабилно се движи, недалеку од највисокото ниво во последните 20 години.

Индексот на доларот кој ја покажува вредноста на американскиот долар во однос на другите шест најважни светски валути се движи околу 109,70 поени, додека вчера во овој момент изнесуваше 109,75 поени.

Истовремено, курсот на доларот во однос на јапонската валута се лизна од вчерашните 144,55 на 143,05 јени.

Сепак, американската валута зајакна во однос на европската, па цената на еврото се лизна на 0,9970 долари, додека вчера во ова време беше 0,9980 долари.

Цените на нафтата, пак, благо пораснаа. Цената на барелот на лондонскиот пазар зајакна за 0,10 отсто, на 94,12 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот порасна за 0,20 отсто, на 88,67 долари.



Слично

Поврзани вести