Економија, финансии, бизнис

Контакт

Нафтата повторно се „лизна“ под 50 долари за барел

Нафтата повторно се „лизна“ под 50 долари за барел

Нафтата поевтини денеска, а цената на американската лесна сурова нафта WTI падна под 49 долари за барел, откако на пазарот се фокусира на претстојната средба на ОПЕК во четвртокот.

Цените на WTI паднале за 0,90% до 48,66 долари за барел, а европскиот репер Брент поевтинил исто со 0,90% до 49,42 долари за барел до 10:30 часот.

Анкета на Ројтерс покажа дека ископувањето во ОПЕК е намалено со 120 илјади барели до просек 32,52 милиони барели дневно во мај, што е помалку од што пазарите прогнозираа. За падот придонесуваат најмногу Нигерија и Либија, но повисоката продукција во Саудиска Арабија и Иран го ограничува падот во производството.

Инвеститорите стануваат претпазливи пред средбата на ОПЕК во четвртокот, иако пазарите не очекуваат големи одлуки по разговорите. Се очекува картелот да ја продолжи стратегијата за заштита на пазарниот удел, наместо да промовираат поскапување, замрзнувајќи го производството.

Во средата Американскиот нафтен институт се очекува да ги објави податоците за растот на нафтените резерви во САД во текот на неделата до 27 мај, а официјалните владини податоци на Администрацијата за енергетски информации ќе излезат во четвртокот.

Аналитичарите очекуваат пад од околу 2,72 милиони барели, откако претходната недела падот изнесуваше 4,23 милиони барели.

Компанијата за истражување на пазарот Genscape изјави дека резервите во складиштето Кушинг, во државата Оклахома, се намалиле со 686 700 барели минатата недела.

Се очекува побарувачката на горива во САД да се зголеми во текот на летото.

Слично

Поврзани вести