Нафтата падна под 71 долар откако танкерите повторно тргнаа низ Ормускиот Теснец
Цените на нафтата се спуштија под 71 долар за барел, откако пазарите реагираа на обновените испораки низ Ормускиот Теснец и на сè посилната борба за купувачи меѓу производителите од Персискиот Залив.
Трговците ја намалија проценката за ризик од поголемо нарушување во снабдувањето, откако дел од саудиските танкери повторно почнаа да минуваат низ една од најважните светски рути за транспорт на нафта. Тоа веднаш го зголеми притисокот врз цените, кои претходно беа чувствителни на секој сигнал од регионот.
На лондонскиот пазар барел „брент“ вчера попладне поевтини за 78 центи и се тргуваше за 70,79 долари. На американскиот пазар барелот падна за 90 центи, на 67,68 долари.
Во фокусот на пазарите е терминалот Рас Танура во Персискиот Залив, од каде „Сауди Арамко“ повторно започнала со товарење на нафта по речиси четиримесечен прекин. Според информации на Ројтерс, најмалку пет супертанкери со вкупно околу 10 милиони барели саудиска нафта веќе испловиле од терминалот и го поминале Ормускиот Теснец.
Уште четири супертанкери се наоѓаат во близина на Рас Танура. Три чекаат товарење, а еден е веќе целосно натоварен, покажуваат податоците за поморскиот сообраќај.
Падот на цените го засилува и натпреварот за азиските купувачи. Саудискиот нафтен гигант, според извори од трговските кругови, почнал да нуди дел од количините по спот цени, со цел побрзо да ја пласира нафтата на пазарот.
Истовремено, и други производители од Блискиот Исток нудат нафта за испорака во јули и август по пониски цени. Дел од рафинериите веќе обезбедиле доволни количини за следниот период, што дополнително ја намалува побарувачката и го ограничува просторот за раст на цените.
Трговците очекуваат „Сауди Арамко“ да ги намали официјалните продажни цени за август. Според анкета на Ројтерс меѓу извори од нафтениот сектор, саудиската „араб лајт“ за купувачите во Азија би можела да биде поевтина за 6,50 до 8 долари за барел во споредба со јулската цена.
И покрај смирувањето на стравувањата за снабдувањето, нафтениот пазар останува чувствителен на случувањата во Персискиот Залив и на текот на преговорите меѓу САД и Иран. Секој нов застој во Ормускиот Теснец може повторно да ги врати тензиите на берзите.
