Нафтата го израдува пазарот пред Божиќ
Цените на нафтата продолжија да растат, бидејќи намалувањето на американските залихи ги израдува глобалните пазари пред продолжениот божиќен викенд.
Американската „Лесна“ нафта (WTI) за испорака во февруари поскапе за 22 центи, на 37,72 долари за барел, додека сировата нафта од типот „брент“ исто така за февруарските испораки, поскапела за 21 цент на 37,57 долари.
Вредноста на глобалните термински договори за купување на сурова нафта порасна вчера за преку 3,5 отсто , откако американското министерство енергетика пријави неочекуван пад на залихите во неделата завршно со 18 декември, додека увозот е намален за 13,0 одсто во однос на недела дена порано.
Ваквите вести пробудија надеж дека падот на цената на нафтата може да биде близу до крајот, оценува Франс прес, и потсетува дека од летото 2014, цената на нафтата изгубила преку 60 одсто од вредноста.
„Загриженоста поради прекумерните глобални залихи можеби е намалена со минатонеделниот пад на залихи“, изјави аналитичар од компанијата Самсунг фјучерс, Хонг Сунг Ки.
Аналитичарите пак, порачуваат дека американскиот извештај исто така укажал и на некои помали поволни аспекти, како што е благо зголемување на домашното производство и скок на залихите на нафтата во терминалот Кушинг, американската сојузна држава Оклахома, наведува француската агенција.
