Економија, финансии, бизнис

Контакт

НАФТАШИТЕ ДИГНАА АЛАРМ: Европа ќе ја „проголта“ недостиг на нафта во април

НАФТАШИТЕ ДИГНАА АЛАРМ: Европа ќе ја „проголта“ недостиг на нафта во април

Глобалниот пазар на нафта и нафтени деривати се соочува со сериозен потрес каков што не е забележан со децении, а првите последици веќе се чувствуваат во синџирите на снабдување. Енергетските гиганти предупредуваат дека кризата од Блискиот Исток се прелева кон Европа, каде во април се очекуваат недостиг и нови ценовни шокови.

Првите удари веќе се регистрирани во Азија, каде има недостиг од авионско гориво, а наскоро се очекува дефицит и на дизел, а потоа и на бензин. Според директорот на Shell, проблемот не е само во цените, туку во реалната достапност на енергенсите.

-Клучот е во физичкиот проток на горивата, а не само во ценовните движења – предупредуваат од индустријата.

Главниот удар доаѓа од затворањето на Ормускиот теснец – клучна точка за глобалниот транспорт на нафта, што практично го блокира извозот од регионот на Персискиот Залив. Од Kuwait Petroleum оценуваат дека оваа ситуација ја држи целата светска економија како „заложник“.

Аналитичарите предупредуваат дека станува збор за најголем нафтен шок од 1973 година.

Цените веќе експлодираат – американската сурова нафта поскапе за речиси 50% и се приближува до 100 долари за барел, додека цената на Брент надмина 112 долари. Од Chevron предупредуваат дека реалната понуда е уште поограничена, што може дополнително да ги турне цените нагоре.

Дополнително загрижува тоа што дериватите поскапуваат уште побрзо – авионското гориво достигна 200 долари за барел, а дизелот околу 160 долари. Дел од земјите веќе воведуваат ограничувања – Кина го забрани извозот на деривати, а Тајланд воведе рестрикции во продажбата.

Од TotalEnergies предупредуваат дека кризата веќе директно ги погодува граѓаните и компаниите, а ако конфликтот продолжи, последиците ќе бидат сериозни.

Дури и во случај на брзо смирување на ситуацијата, закрепнувањето нема да биде веднаш – на земјите од Персискиот Залив ќе им бидат потребни најмалку три до четири месеци за целосно обновување на производството.

Паралелно, притисок се создава и врз пазарот на течен природен гас, каде транспортните капацитети се веќе на максимум, а испораките се отежнати.

Експертите предупредуваат дека ризикот од ескалација останува висок, а поранешниот американски министер за одбрана Џим Матис оцени дека светот се наоѓа во „многу сложена ситуација“.

Последиците веќе се прелеваат врз глобалната економија – од транспортот и индустријата до цените на производите. Доколку кризата продолжи, светот може да се соочи со нов бран инфлација и сериозни нарушувања во снабдувањето.

Блиц.рс

Слично

Поврзани вести