НАФТА-ЦЕНИ: Поевтинува месото, дел од зеленчукот, за лебот ќе попричекаме!
Падот на цената на горивата ќе влијае врз намалување на трошоците за производство на дел од земјоделските производи. Агробизнисмените велат дека намалувањето на цените на горивата нема да има влијание кај кај есенските култури бидејќи кај нив сите подготовки околу производството речиси се завршени.Но производствените трошоци за пролетните култури ќе се намалат за околу 30 отсто, што треба да доведе до намалување на цените на овие производи.
-Секако дека за нас намалувањето на цените на горивата е добредојдено. Сепак кај есенските култури ваквото намалување нема да влијае врз намалување на трошоците и цените на производите, бидејќи сите операции се завршени, останува уште прихраната и заштитата кои учествуваат со околу 5 проценти во трошоците. Но овие пониски цени се добредојдени за пролетните култури, како сончогледот, пченката и зеленчукот. Кај нив ќе има за околу 30 проценти намалување на трошоците, што секако би требало да значи и намалување на цените на тие производи. Во секој случај падот на цените на горивата е добро за земјоделското производство, бидејќи овие енергенси учествуваат најмногу во вкупните трошоци, вели Огнен Оровчанец, директор на Агроунија.
Нафтата во вкупните трошоци на земјоделското прозиводство учествува со околу 60 отсто. Агроекономистите велат дека врз формирањето на цената на еден производ влијаат повеќе фактори, а не само нафтата.
-Во формирањето не цените на еден прозвод влијаат повеќе фактори. Еден од нив е цената на горивото кое учествува како енергенс во користената механизација при земјоделското производство, за орање,прскање,третирање,собирање на родот,траспорт, скалдирање, калибрирање,класирање,обработка и друго .Дали ќе се намалат трошоците зависи од тоа цените другите инпути како суровини, хемиски средства, добиточна храна,услуги и друго ќе останат исти или ќе растат.Ако остануваат исти или се намалуваат тогаш вкупните трошоци се намалуваат, но ако тие растат и покрај тоа што цената на горивата опаѓа, можно е вкупните трошоци да стагнираат или да се зголемуваат.Во секој случај ваквиот пад на цените на горивата треба да влијаат во насока на намалување на вкупните цени во земјоделскиот сектор. Треба да се зголеми земјоделското производство, да се произведат доволно земјоделски суровини, да се обезбеди храна по поволни цени. Соодветно на тоа треба да се намали и цената на механизацијата, вели професор д-р Јован Аждерски од Факултетот за земјоделски науки и храна.
Но во овој сектор не само што нема намалување на цените на производите, туку Државниот завод за сатистика во последниот месец од минатата година кај дел од земјоделските производи регистрираше пораст на цените. Така за една година цените на зеленчукот се зголемиле за 3,3 отсто и на млекото,сирењето и јајцата за 0,9 отсто.
Месото ќе поевтини за 5 отсто, цените на лебот и транспортот остануваат непроменети
Бензините поевтинија за 1,5 денари за литар, а природниот гас за индустријата за 5,4 денари. Упатените во овој бизнис укажуваат дека веќе се создадени услови за намалување на цените на производите во другите сектори. Намалување на цените на производите најавија само од месната индустрија.
-Ние постојано го следиме трендот на намалување на цените на горивата. Ние од вчера ги намаливме цените на сувомеснатите производи во нашите месарници,а веќе од петок со пониска цена ќе го продаваме и свежото свинско месо и тоа за околу 5 проценти. Една од причините за намалувањето на цените се секако намалените трошоци. Овој тренд на намалувње најверојатно ќе продолжи, но треба да се има во предвид дека во формирањето на цената на нашите производи учествуваат и други фактори, како што е цената на увозната суровина од која што ние зависиме и движењето на цената на доларот и еврото. Во секој случај како што најави гувернерот Димитар Богов дека ќе имаме стабилен курс годинава, значи би требало реално да има намалување на малопродажните цени, вели Влатко Ѓоргиевски, генерален директор на МИК Свети Николе.
Но поевтинувањето на природниот гас нема да донесе поевтин леб и бели печива. Иако овој енергенс учествува намногу во трошоците на дел од пекарите, сепак од оваа индустрија велат дека и со намалувањето на цената на природниот гас не се во состојба да ги намалат цените на лебот и белите печива бидејќи тие и сега биле ниски, а со пониската цена на гасот, ќе ги покриваат загубите. Нема да има поевтинување ниту на превозт со автобусите на “ЈСП Скопје” ниту во приватниот превоз.Од Градот Скопје и од приватното претпријатие “Слобода превоз” веќе посочија дека нема да има намалување на цените на билетите, бидејќи и сега биле најниски во споредба со регионот, и не се зголемувале кога цената на горивата растеле. Нема да поевтини ниту такси превозот. Од такси компаниите велат дека дека изминативи години голем дел од такси превозниците возат со попуст, поради што цената е иста како кога цената за литар нафта се продаваше по 43 денари. Засега не најавуваат намалување на цените, но доколку продолжи да се намалува цената на горивата, ќе направат пресметки за поветинување на превозот.
Народната банка на Македонија во последниот извештај прогнозираше дека трендот на намалување на цената на нафтата ќе продолжи и годинава, а стагнација се очекува дури во 2016-та година. Цена на лесната нафта е најниска од април 2009, а од јуни минатата година, кога барелот се продавал по 107 долари, односно повтинила повеќе од 60 отсто. На почетокот на неделава лесната нафта на њујоршката берза се продавала за 45,72 долари за барел, додека нафатата од типот на брент на лондонската берза се продавала по цена од 47,28 долари.Само од почетокот на оваа година лесната нафта поефтинила за 15 проценти, додека нафтата од типот брент е пофтина за 18 отсто. Падот на цената на нафтата се забрза откако во ноември членките на ОПЕК одлучија да го задржат нивото на производство од 30 милиони барели дневно. Светските аналитичари прогнозираат дека цената на црното злато годинава ќе се намали под нивото од 40 долари за барел.
Т.С
Слично
