Економија, финансии, бизнис

Контакт

Нафта стигна во Струга, учениците се враќаат на настава

Нафта стигна во Струга, учениците се враќаат на настава
Основното училиште „Јосип Броз Тито“ доби околу 10 тона нафта, со што се создадоа услови за наставата да продолжи. Учениците од ова училиште од вчера ја бојкотираа наставата, бидејќи немаа греење во училниците. „Количеството нафта што го добивме денеска, во зависност од временските услови, ќе ни биде доволно за околу два месеца, односно до Нова година, но добивме ветување дека за две до три седмици или најдоцна за еден месец ќе ни биде испорачано ново количество на енергенсот“, вели директорот Тони Савески. Дел од нафтата ќе биде испорачана и во подрачните паралелки на училиштето во селата Враништа и Мислешево. Во ова училиште, заедно со подрачните паралелки, учат околу 800 ученици. Тие немаа греење од почетокот на грејната сезона, а училиштата се обидуваа да го поминат периодот со греалки и ќумбиња на дрва. Сепак, Советот на родители вчера донесе одлука веќе да не ги пушта децата на настава во такви услови. Проблем со греењето од почетокот на грејната сезона се појави и во Кичево, каде што исто така учениците ја бојкотираат наставата. Таму градоначалникот призна дека пари за нафта нема и побара помош од државата за да обезбеди греење во училиштата.
Слично

Поврзани вести