Нафта со сомнителен квалитет за државни институции: Пазарна испитува
Државни пазарни инспектори земале примероци од екстра лесното масло за домаќинство за греење за кое некои државни институции, училишта и градинки пријавија дека е со сомнителен квалитет. Примероците сега ќе се проверуваат во сертифицирана лабораторија, а резултатите кои ќе бидат готови најверојатно до вторник ќе покажат што масло им било продадено на некои ученички домови во Прилеп и во Куманово кои први го пријавија сомнежот, но и на многу други државни институции кои купиле од истата фирма. Инаку снабдувач е Тритерол петрол која во конкретните случаи го добивала тендерот. Првиот човек на Државниот пазарен инспекторат Стојко Пауновски за Фактор вели дека сепак примероци се земени и од Тритерол петрол, но и од други фирми кои Тритерол ги прјавил како продавачи на ова екстралесно гориво.
„Земавме примероци од Тритерол петрол, но тие кажаа дека го купиле горивото од Јавор шпед и од Супер трејд, па земени се примероци и од овие две компании. Исто така примерок за анализа во овој наврат е земен од фирмата РКМ дооел за која имаше иформации дека увезува сомнителен мазут. Додека не бидат готови резултатите, односно најверојатно до вторник нема да знаеме каква содржината на екстралесното гориво кое било продадено, што содржи и колку е штетно или не, вели Пауновски за Фактор.
Тој додава дека веќе издале предупредување до државни институции, општини, училишта, градинки кои во грејна сезона користат екстралесно масло за домаќинство ЕЛ-1 да пријават ако видат дека маслото има сомнителен квалитет.
„Државниот пазарен инспекторат како институција која го проверува квалитетот на нафтените деривати предупредува сите корисници на екстра лесното масло за домаќинство Ел-1 при прием на овој нафтен дериват да извршат визуелна проверка на бојата која треба да е црвена и доколку изразат сомнеж во квалитетот на дериватот за тоа да не известат и да го стопираат приемот. По приемот на дериватот во резервоарите на корисниците докажувањето на квалитетот и лоцирањето на вината за евентуално неквалитетно гориво тешко се докажува од објективни и субјективни причини, додава Пауновски.
Според информациите увозник на маслото кое сега се проверува не фирмат апродавач на крајните корисници односно Тритерол петрол. Тоа масло не било толку течно колку што треба да е, односно изгледало како мазут. Станува збор масло со царинска декларација индустриско масло – тешко масло кое се увезува во Макеоднија иако според некои информации неговата употреба во развиените земји е забранета.
А.Т.
