Економија, финансии, бизнис

Контакт

Надоместокот за стечајците помина во Собрание

Надоместокот за стечајците помина во Собрание
Едногласно, со 66 гласа „за“ Собранието попладнево ги донесе измените на Законот за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизација на претпријатијата со доминантна сопственост на државата во периодот од 2000 до 2004 година. Законот е донесен по скратена постапка и со него ќе бидат опфатени лицата кои останале без работа како резултат на приватизација на компанијата која била во државна или доминантна државна сопственост до 31 декември 2013 година. Според министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, со ова законско решение се очекува да се реши горлив проблем на околу 3.000 стечајци. Тие ќе бидат материјално обезбедени со месечен надомест од околу 7.100 денари, односно 34 проценти од просечната плата исплатена за минатата година и плус здравствено осигурување. Лицата треба да имаат најмалку 25 години работен стаж, а во меѓувреме ако биле вработени, да не им е прекинат работниот однос по нивна вина или волја. Опозициските пратеници ги поддржаа измените на Законот, но остро го критикуваа зашто сметаат дека се работи за предизборен чекор на владејачката партија. Пратеничката Цветанка Иванова побара со решението да бидат опфатени сите работници на кои им престанал работниот однос по основ на стечај, ликвидација, технолошки вишок, а работеле во општстествени фирми и фирми со државен капитал и предложи намалени критериуми за стажот. „Ниту првиот закон од 2008 е успешен, уште повеќе нема да биде успешен овој закон. Од податоците коишто ги имаме, од вкупно поднесени околу 10.000 барања, одбиени се над 7.500 барања, а основа поради која се одбиени овие барања е дека фирмата во која работеле не е претежно државна, а некои затоа што до денот на престанокот на работен однос под стечај, ликвидација немаат полни 25 години“, рече Иванова. Петнаесет дена од стапување во сила од законот ќе се дефинира списокот на претпријатија во доминантна сопственост на државава. Триесет дена по стапување во сила на законот граѓаните коишто се невработени по основ на стечај, ликвидација и технолошки вишок кои ги исполнуваат условите дефинирани во законот имаат право и можност да поднесат барање за надоместок.
Слично

Поврзани вести