Економија, финансии, бизнис

Контакт

Надминување на предрасудите и подобра соработка со Бугарија за развој на Источниот регион

Надминување на предрасудите и подобра соработка со Бугарија за развој на Источниот регион
Преку Меморандум за соработка ќе се подобрува регионалната трговија меѓу Македонија и Бугарија. Меморандумот во Скопје го потпишаа Македонско – Бугарската стопанска комора и Советот за развој на Источниот плански регион. Како што истакна претседателот на Комората, Зоре Темелковски, целта на Меморандумот е да се привлечат бугарските бизнисмени да инвестораат во Источниот плански регион . Притоа, додаде тој, треба да се надминат предрасудите, како и да се разбере дека пријателските односи овозможуваат подобри резултати. „Ние сакаме да го доближиме капиталот до обичните граѓани преку локалната самоуправа. Со тоа очекуваме обичните граѓани и претприемачи да се одважат и посмело да влезат во заедничките проекти на двете држави“, нагласи Темелковски. За бизнисмените од Бугарија најинтересни се секторот туризам, банкарство, земјоделство. Според градоначалникот на Пробиштип,  Тони Тоневски  кој е претседавач на Советот за развој на Источниот плански регион, Меморандумот ќе помогне во развојот на локалните самоуправи и компаниите од двете држави. „Целта ни е што е можно повеќе да се продлабочи соработката меѓу двете земји, а ние како локални самоуправи и администрација да ги овозможиме сите услови да помогнеме во развојот на економијата и намалувањето на невработеноста. Имаме одлична соработка со општините од Западна Бугарија во делот на искористувањето на средствата за прекугранична соработка што ги нуди ЕУ, но сепак цениме дека можеме уште повеќе“, истакна Тоневски. На средбата присуствуваа и градоначалникот на Штип, Илчо Захариев , заменик министерот за локална самоуправа Ѓорѓија Сајковски, како и Бугарскиот амбасадор во Македонија, Иван Петков. За Петков, потпишувањето на Меморандумот следува по добриот дијалог што го имаат двете влади и трите средби што ги имаа премиерите на двете земји годинава. „Во Меморандумот се говори за проширување на економската соработка. Можеби постои некаква инерција од минатото поради која бугарските компании не се доволно присутни во Македонија, но ние треба да работиме во насока на подобрување. Нашите компании малку се познаваат, а токму една од задачите на Македонско Бугарската стопанска комора е повеќе да се запознаат. Треба да го зголемиме бројот на компаниите кои соработуваат и на инвестициите“, истакна тој.
Слично

Поврзани вести