Економија, финансии, бизнис

Контакт

НАДЛЕЖНИТЕ НЕ ГИ ПОСЛУШАА! Средношколците в среда на втор протестен марш!

НАДЛЕЖНИТЕ НЕ ГИ ПОСЛУШАА! Средношколците в среда на втор протестен марш!
Средношколците в среда излегуваат на втор протестен марш. Тие се разочарани од според нив игнорантскиот однос на надлежните,  кои иако најавија можна средба, не нашле време да се сретнат со учениците, ниту да одговорат на нивните телефонски повици изминативе неколку дена. Од Средношколскиот пленум велат дека незадоволството на учениците е уште поголемо  поради фактот што на средношколците не им се дава  можност да го аргументираат својот став во врска со реформите воведени во средното образование и покрај тоа што пред десетина дена илјадници средношколци до ресорното министерство доставија конкретни барања, кои велат  се темелат на реалните  проблеми од кои тие се директно најзасегнати. “Иако претставници од Средношколскиот пленум  четири дена се обидуваа да стапат во контакт со министерот, тоа беше неуспешно.Поради тоа, Средношколскиот пленум  организира  втор марш кој ќе се оддржи во  Среда на 01.04.2015 година, со почетно место пред Собранието на Република Македонија. Пленумот инсистира да биде слушнат од страна на надлежните и да се сфати сериозноста од последиците на брзо воведените и лошо испланираните реформи на Министерството за образование и наука. После маршот во Скопје, министерот за образование Абдулаќим Адеми излезе во јавност, давајќи изјава: “Очекувам ова недела да успееме да усогласиме термин за средба. Да им објасниме кои се предностите  доколку успеат да полагаат  државна матура . Тоа е во полза на матурантите да се запишат понатаму на факултет, на универзитет во светот.....”Тој исто така изјави дека ќе се потруди да им објасни на учениците за предноста која ќе ја имаат со полагањето  на математика како задолжителен предмет на државната матура. Уверува дека се работи за математика, основно ниво. Но средбата ниту се договори, ниту се оствари”- велат од Средношколскиот пленум. Образованието  според нив, во изминатите години подлежи на многубројни “реформи”или како што ги нарекуваат “експерименти“ кои се воведуваат за многу краток временски период, без никаква јавна дебата или консултација со наставници, професори ниту пак  ученици.Една од реформите која се однесува на средното и основното образование,  велат е  воведувањето на екстерното тестирање кое започна во 2013-тата  година а е проследено со технички грешки и нелогичности. “Иако беше соопштено дека овие оцени нема да влијаат врз успехот на ученикот, сепак тие  влегоа во сведителствата на учениците и им влијаат врз успехот.Оцени кои можат да се добијат од екстерното тестирање се оцените од 1  до 5. Иако оцената (1) ги прави свидетелствата невалидни, оваа оцена сепак се запишува во нив и влијае на целокупниот успех. Да потсетиме дека во член 45 од Законот за средно образование стои дека секоја оценка е валидна, освен оценката (1).За да биде уште поголема грешката во овој лошо испланиран експеримент на МОН, екстерното тестирање се состои од 30 прашања на заокружување.Со ова се согледува само колкав е капацитетот на ученикот да помни, не земајќи ги во предвид останатите стандарди за оценување:разбирање, применување, анализа, синтеза и вреднување”-потенцираат од Пленумот. Ученикот кој во текот на целата година се трудел да стекне соодветно знаење по еден предмет покажувајќи активност и стремејќи се да ги оствари сите стандарди кои се налагаат за да се добие највисоката оценка-5, сега истата оценка, според учениците,  може да ја добие само со меморирање на одговори на прашања кои се веќе  познати. Па така, додаваат,  доаѓа до исто вреднување на две сосем различни знаења, стекнати на различен начин. Средношколците посочуваат на уште еден недостаток. Учениците од четвртта година,  велат полагаат екстерно тестирање за половина материјал после завршување на  првото полугодие и потоа оваа оценка  влегува во официјалните документи-свидетелствата  и влијае врз крајниот  вкупен  просек  на ученикот. “Иако првично предвидено дека екстерното тестирање ќе го подобри знаењето на ученикот и ќе ги разреши проблемите во образовниот систем, крајниот резултат веќе три години го покажува токму спротивното: продлабочување на проблемите во образовниот систем.Но, проблемите во образованиоето не се резултат само на една реформа, туку на повеќе.Матурата која е предвидена како замена за приемните испити, започна да се спроведува во 2005 година.Како последна измена на концептот на државна матура за учебната година 2014-2015 година  е концептот со кој се предвидува полагање  на 3 екстерни предмети-прв предмет: задолжително полагање на мајчин јазик; втор предмет: странски јазик; трет предмет: математика),  и 1 интерен предмет(од листата на предмети за полагање на државна матура) и  плус проектна задача”-објаснуваат од Средношколскиот пленум. Според новиот концепт за полагање на државна матура се предвидува и електронско полагање на предметите при што се планира полагање на ист предмет два пати-еднаш во писмена и еднаш во електронска форма. Средношколците ги наведуваат и термините предвидени за полагање: - Македонски јазик и литература, албански јазик и литература или турски јазик и литература: писмен дел на 06.06 со почеток во 10 часот и електронски дел на 10.06 со почеток во 8:30 часот - Англиски јазик, француски јазик, германски јазик или руски јазик: писмен дел на 12.06 со почеток во 10 часот и електронски дел на 13.06 со почеток во 8:30 часот – Математика: писмен дел на 15.06 со почеток во 10 часот и електронски дел на 16.06 со почеток во 8:30 часот - Хемија, физика, историја, биологија, бизнис и останатите предмети: електронски дел на 18.06 и 19.06 со почеток во 8:30 часот “Според Законот за полагање на матура, сите ученици треба да имаат исти прашања и да започнат со полагање на тестот истовремено.Со новопредвидениот концепт за полагање државна матура, тоа не е возможно, не само од технички причини како што е недоволната опременост на кабинетите во училиштата, туку и поради можноста да се јават проблеми, кои веќе три години се случуваат со системот при полагањето на екстерното тестирање.Со ваквиот начин на полагање на  државна матура формата на стандандизиран тест се губи”-реагираат средношколците. Задолжителното полагање на странски јазик или математика, според нив, покрај тоа што го ускратува правото на избор на ученикот, несомнено влијае и врз успехот на ученикот кој е многу значаен при упис на факултетите.Факултетите  велат  си имаат своја листа на предмети кои се приоритетни при упис, а постојат факултети за кои не е неопходно полагање математика или странски јазик, при што со овој концепт доаѓа до сосем поинакво тестирање, спротивно од првопредвиденото дека матурата претставува замена на приемните испити. “Да потсетиме дека официјалното објавување во службен весник, со кое што математика и странски јазик стануваат задолжителни предмети беше објавено не многу одамна т.е пред крајот на второто полугодие ,а новиот концепт за полагање на матура стапи во сила на 09.02.2015 година, што претставува задоцнета информација бидејќи учениците кои веќе се запишани се воделе по претходно утврдениот концепт за Државна матура (во која се бира меѓу математика и странски јазик) и токму поради ова треба да ја полагаат истата”-додаваат од Средношколскиот пленум. Средношколците после првиот протестен марш испратија две барања до надлежните: едно во кое бараат враќање на стариот концепт за полагање матура односно концептот од учебната 2013-2014 година и второ барање во кое бараат екстерното тестирање да се стави во мирување. Покрај најмасовниот протестен марш кој пред  десетина дена се одржа во Скопје и на кој според  Средношколскиот пленум  присуствувале околу 3500 ученици,  маршеви беа организирани и во другите градови во земјава меѓу кои Штип, Битола, Крушево, Кичево, Тетово,Неготино, Кавадарци,Струмица, Дебар, Охрид, Струга, Велес.... С.Б.
Слично

Поврзани вести