Економија, финансии, бизнис

Контакт

НАД 950 МИЛИОНИ ЕВРА СВРТЕНИ ВО НЕДВИЖНИНИ: Раст на тргувањето со имоти, а хипотеките се намалуваат

НАД 950 МИЛИОНИ ЕВРА СВРТЕНИ ВО НЕДВИЖНИНИ: Раст на тргувањето со имоти, а хипотеките се намалуваат

Кризата како да не се одрази на пазарот на недвижнини. Податоците покажуваат дека минатата година има раст на вредноста на купени и продадени имоти, а благ раст има и кај закупот на имоти. Но, од друга страна има намалување на бројот на имоти кои се ставени под хипотека.

Последните податоци кои ги објави Агенцијата за катастар на недвижнии, во нивниот Годишен извештај покажуваат дека во текот на периодот јануари - декември 2022 година во базата на Регистарот на цени и закупнини се внесени 33.243 трансакции, од кои 24.629 продажби на недвижности и 8.614 закупи на недвижен имот.

За споредба, податоците за 2021 година покажуваат дека во истиот период во базата на Регистарот на цени и закупнини се внесени 33.270 трансакции, од кои 25.010 продажби на недвижности и 8.260 закупи на недвижен имот.

Бројките кои ги објавува Агенцијата покажуваат дека во текот на минатата година вкупната вредност на купопродажби на недвижен имот достигнала 961 милион евра. Година претходно, или во 2021 година, вкупната вредност на купопродажбата на имоти достигнала 914 милиони евра.

Од последните податоци кои ги објавува Агенцијата за катастар на недвижнии и кои се однесуваат на имоти ставени под хипотека се забележува дека се намалуваат имотите за кои се упишува хипотека.

Имено податоците од Годишниот извештај на Агенцијата покажуваат дека во текот на минатата година се намалил и бројот и вредноста на недвижнини за кои е договорена хипотека.

Во текот на 2022 година во катастарот се запишани хипотеки врз 7.658 недвижнини чија вкупна вредност достигнува 1,55 милијарди евра. 

За споредба во текот на 2021 година под хипотека биле ставени скоро илјади имоти повеќе, или точно 8.386 недвижнини со вкупна вредност од 1,99 милијарди евра.




Петранка Огнаноска

Слично

Поврзани вести