Економија, финансии, бизнис

Контакт

Над 500 вработени во Тутунски комбинат – Прилеп ќе си заминат како технолошки вишок

Над 500 вработени во Тутунски комбинат – Прилеп ќе си заминат како технолошки вишок
Со отпремнини до 15 илјади евра, 535 вработени во Тутунски комбинат во Прилеп доброволно ќе го напуштат работното место. Од Синдикатот, кој е активно вклучен во процесот, велат дека интересот за доброволните пакети бил преголем. Од таму информираат дека конечните списоци веќе се доставени во Агенцијата за вработување. Со тоа  Прилепскиот тутунски комбинат и реално почна да ја спроведува програмата за реструктуирање. „Значи, околу 28 февруари се треба да заврши, да добиеме отказни решенија сите кои се пријавивме. На денот на заминувањето треба да бидат исплатени и договорените суми со вработените“, вели Димитар Ѓорчулески, претседател на Синдикатот во тутунскиот комбинат за МРТ. На претходните состаноци прво се разговарало за опцијата да си заминат само постарите вработени, но подоцна поради големиот интерес и кај помладите списокот за отпуштање по основ на технолошки вишок бил проширен. Со ваквата мерка, која е дел од стратегиското партнерство со светскиот бренд Филип Морис, според менаџментот на комбинатот, компанијата многу побрзо од очекуваното ќе стигне до позитивна нула. „Ако оперативната загуба била околу 4 милиони евра, практично, само со ова ние ќе дојдеме на позитивна нула. Нормално, на ова би ги додале позитивните очекувања од стратегиското партнерство за зголемување на обемот на производството и сигурниот пласман на тутун, што, исто така, ни го обезбеди стратегиското партнерство. Навистина очекуваме подобри денови“, вели Александар Дерменџиев, генерален директор на прилепскиот Тутунски комбинат. Во меѓувреме ефективно работи заедничката фирма на комбинатот и на Филип Морис за производство и пласман на цигари, а обезбедени се и парите за исплата на овогодинешната реколта на тутунот.
Слично

Поврзани вести