Над 40 отсто од работниците биле изложени на мобинг – ретко кој пријавува
Документот кој конечно се донесе на почетокот на јуни годинава, како да не ги охрабри работниците да поднесуваат пријави и тужби поради притисоци на работното место. Уште пред да стапи во сила ова законско решение беа во тек 12 судски процеси за психичко и за физичко вознемирување, а сега има уште три. За нив се' уште нема пресуда и никој не платил парична казна, која според Законот за мобинг, изнесува од 4 до 6 илјади евра. Мобингот претходно беше регулиран само со неколку членови во Законот за работни односи, а донесувањето на посебниот Закон се' уште не ги забрза судските постапки. Во Канцеларијата за помош и едукација на жртвите на мобинг во Сојузот на синдикатите на Македонија, ССМ, велат дека за сите предмети се во тек судски постапки, се одржале неколку рочишта, но ниту еден од случаите нема судска разрешница. „Вкупниот број на лица кои се обратиле до нашата Канцеларија која нуди советодавна- правна помош, изнесува околу 160 и тие се од различни дејности. Има околу 15 случаи на суд, но ниту една разрешница. Со донесувањето на Законот се надеваме на скоро решавање на споровите, како и на поголема ефикасност во наредните постапки“, вели Гоце Селовски, претседател на Синдикатот за финансии, во чии рамки е Канцеларијата за мобинг. Тој додава дека лицата кои се обратиле до нив најмногу се од образованието, новинарството и државни институции, локална самоуправа и од министерства, објави „Утрински весник“. По донесување на Законот, според Селовски, се очекува бројката на пријави за мобинг да биде поголема. „Само во период од две недели имавме 10 нови пријави. За жал, досега нема судска разрешница за психичко вознемирување. Но, очекуваме со Законот да се спречи појавата на мобинг која влијае штетно врз продуктивноста, ефективноста на вработените и успешноста на компаниите“, посочува тој. Пред да се поведе судска постапка, Канцеларијата посредува за вонсудско решавање на проблемот преку разговори меѓу работникот и моберот. „Последниот ваков разговор со раководни лица од една приватна компанија беше безуспешен и лицето се реши за поведување судски спор“, вели Селовски. Тој објаснува дека работниците стануваат се' посвесни и поинформирани, но дека треба уште да се работи на нивна едукација. Според податоци на анкетата на Синдикатот од пред неколку месеци, над 40 отсто од работниците биле изложени на мобинг, а најмногу од текстилната индустрија, здравството и јавната администрација. Поголем процент се пожалиле на психичко вознемирување, а помалку на физичко и половото малтретирање. И од Комисијата за дискриминација за практичната примена на Законот за заштита од дискриминација неодамна објавија дека за период од шест месеци се добиени 43 претставки за мобинг, од кои за девет се иницирани постапки пред судовите. Поточно, во периодот од 15 ноември 2012 година, до средината на мај годинава, во Основниот суд Скопје 2 и во Судот во Тетово биле поднесени вкупно 43 претставки за дискриминација на работно место, односно мобинг. Првото пилот истражување за мобинг што го спроведе Синдикатот пред четири години меѓу вработените во приватниот и во јавниот сектор, покажа дека, од 510 анкетирани лица, 41 отсто рекле дека се жртви на мобинг поради што имаат здравствени проблеми. Триесет отсто се изјасниле дека имаат политички притисоци, 14 отсто дека биле под притисок поради потеклото, а по 5 отсто од анкетираните рекле дека биле сексуално и физички малтретирани на работното место. Според Канцеларијата, најмногу се обраќаат за помош работници на возраст од 21 до 41 година. Последици трпат 97 отсто од нив, а кај 48 отсто дошло до престанок на работниот однос.
