Економија, финансии, бизнис

Контакт

„Национални шуми“ има 1.413 работници, а сечата и дотурот на дрва речиси целосно ги вршат надворешни изведувачи

„Национални шуми“ има 1.413 работници, а сечата и дотурот на дрва речиси целосно ги вршат надворешни изведувачи

ЈП „Национални шуми“ на крајот на 2025 година имало 1.413 вработени на неопределено време, но најважниот теренски дел од работата речиси целосно бил префрлен на надворешни изведувачи, покажуваат податоците од Извештајот за работењето за 2025 година, објавен на официјалната страница на претпријатието.

Во документот се наведува дека сопствените работници учествувале со само 8,98 проценти во сечата, 8,49 проценти во дотурот и 16,83 проценти во превозот.

„За реализирање на планските задачи во одделните фази на производство, учеството на сопствените работници во 2025 година изнесува 8,98% во сеча, 8,49% во дотур и 16,83% во превоз. Тоа значи дека поголем дел од планираната количина во производниот процес се реализираше со ангажирање на надворешни извршители“, известуваат од Национални Шуми.

Тоа значи дека над 90 проценти од сечата и дотурот не ги извршиле работниците на претпријатието, туку надворешни изведувачи. Прашањето е што точно покрива толкав административен и оперативен апарат ако основната теренска работа во најголем дел се дава надвор.

Оваа зависност има и висока цена. Само за сеча, дотур и превоз со утовар и растовар во 2025 година биле потрошени околу 3,48 милиони евра, односно 214,1 милиони денари.

Најголем раст има кај превозот со утовар и растовар, каде трошоците пораснале за 65 проценти. Трошоците за сеча се зголемиле за 36 проценти, а за дотур за 43 проценти.

Во исто време, трошокот за бруто-плати е намален. Во 2025 година за бруто-плати биле издвоени 788,8 милиони денари, односно околу 12,83 милиони евра, наспроти 821 милион денари, односно околу 13,35 милиони евра во 2024 година, што значи пад од 3,93 проценти.

Финансиски, претпријатието ја завршило 2025 година во плус. Добивката изнесува околу 194 илјади евра, односно 11,9 милиони денари. Во споредба со 2024 година, претпријатието имало загуба од околу 911 илјади евра.

Приходите од продажба пораснале од околу 15,23 милиони евра, на 18,62 милиони евра, односно 1,14 милијарди денари, што значи раст од 22,20 проценти. Главно од продажба на огревно и техничко дрво.


Филип Костов

Слично

Поврзани вести