НАЦИОНАЛИЗАЦИЈА НА ГА-МА: Адут за гасификацијата, на потег е државата
Иако од поодамна се реши, исплатата на акцијата на Макпетрол во ГА-МА е навистина конечно решение за еден децениски проблем со кој во последниот период особено занчајно се доведуваше во прашање функционалноста на целиот проект на гасификација во државата, а веќе во повеќе наврати за овој проблем алармираше и Енергетската заедница за што Македонија можеше да добие и казни. Вчера Макпетрол извести дека е завршена трансакцијата и „Макпетрол“ конечно ѝ го продаде на државата делот во ГА-МА за 32,7 милиони евра во релизирана блок транскација. Овие пари веќе од 2020 година се чуваа во Национални енергетски ресурси, затоа што Владата и Макпетрол уште кон крајот на 2019 година се договорија за сите детали на продажбата и спогодбата беше потпишана.
ГА-МА е компанија за пренос на природен гас и управување со системот за пренос на гас, а според Законот за енергетика таа мора да биде во целосна сопственост на државата. Имено според Законот, кој е усогласен со третиот енергетски пакет Макпетрол требаше да го продаде својот удел од 50 отсто во ГА-МА АД Скопје, бидејќи повеќе не може истовремено да ги врши дејностите трговија и снабдување со природен гас и пренос на природен гас. Компанијата беше формирана формирана како акционерско друштво во сопственост на државата и нафтената компанија со по 50 отсто од вкупниот основачки капитал на Друштвото, во износ од 37.612.500 евра. Пред одлуката за продажба беше направена и проценка на пазарната вренодност со што било утврдено дека ГА-МА АД вреди над 65 милиони евра или 32,7 како половина удел, пари кои државата му ги исплати на Макпетрол сега. За нив го добива и гасоводот долг 205 километри.
Инаку суштината, а тоа неколкупати го потенцираше и Енергетската заедница е тоа што со нераздвојувањето на сопственоста впрочем се кочи развојот на секторот на гас во земјата. Сега по завршување на трансакцијата ќе се овозможи изградбата на гасниот интерконектор со Грција кој треба да биде финансиран Европската инвестициска банка. Спогодбата меѓу Макпетрол и Владата беше трипартитна, а Секретаријатот на Енергетската Заедница како страна се согласи да им помогне на договорните
страни во имплементација на сопственичкото раздвојување на новиот македонски
оператор на преносниот систем и да учествува во неговата сертификација во согласност
со правилата на Третиот енергетски пакет. Национализацијата на АД ГА-МА, беше еден од приоритетите на АД НЕР. Во програмата стоеше дека годинава како друг приоритет е доизградбата на магистралните гасоводи. Планирано е конечно да биде пуштен во употреба еден магистрален гасовод кај делницата Кавадарци - Неготино и поврзување на приклучоците со првите потрошувачи. Се очекува во употреба да бидат пуштени и двете делници - Клечовце (Кавадарци) - Неготино и Неготино - Битола, од кои првата порано за што ќе има и дополнителна набавка на природен гас, а другата кон крајот на оваа година. По застојот поради Ковид-19, АД НЕР оваа година смета на забрзано реализирање и на експропријацијата.А.Т.
