„На здравје“ со вино од Владата!
Партнери пола-пола со Владата. Бизнисмените кои имаат намера да вложат во специјализирана продавница за вино, можат да аплицираат за финансиска поддршка од Владата, која може да покрие и до 50% од првите вложувања во бизнисот.
Финансиската поддршка на Владата се однесува на покривање на следните трошоци за компаниите:
-Владата ќе покрие 50% од трошоците за внатрешното опремување на продавницата, со исклучок на инвестициите за помошни и санитарни простории, но не повеќе од 1.000.000 денари по единица продавница;
-Владата ќе покрие 50% од трошоците за закупнина за просторот во кој ќе функционира продавницата, и тоа во период од 5 години, но не повеќе од 30.000 денари месечно или околу 500 евра месечно по единица продавница;
-Владата ќе обезбеди и плати за вработување на две лица во овие продавници и тоа во период од 5 години, и тоа во висина од просечната плата по лице месечно, значи две просечни плати месечно по единица продавница.
Продавниците ќе бидат унифицирани - со квадратура од 30 до 100 метри квадратни и да имаат изглед согласно презентираното идејно решение на ентериерот што го изготви Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, а пожелно е да бидат лоцирани во централните градски подрачја на наведените градови.
На јавениот повик за отворање вакви продавници може да се аплицира во следните градови: Скопје две продавници, а во Охрид, Берово, Кавадарци, Штип, Струмица, Прилеп, Битола и Крушево по една продавница.
„Идејата за овој проект потекна од бизнис заедницата, а самиот проект е дизајниран и се спроведува во соработка со претставниците на винариите во Република Македонија. Станува збор за исклучително значајна поддршка за секој оној кој би започнал со работа во овој бизнис, поддршка за винскиот сектор и винскиот туризам, но и значајна поддршка која дава можност за вработување на лица во винскиот сектор“, изјави владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.Јавниот повик трае до 30 април 2014 година, а право да учествуваат имаат сите правни лица регистрирани согласно Законот за трговски друштва, Законот за угостителство и кои ќе ги исполнат условите согласно Законот за трговија. Сите заинтересирани субјекти барањето за користење на средства заедно со листата на потребни документи, упатството за корисниците и мастер проектот со ентериерно решение и бренд идентитетот, може да ги подигнат од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој или од веб страната на агенцијата www.ipardpa.gov.mk. Документите за апликација треба да бидат поднесени до АФПЗРР заклучно со 30 април 2014 година, а во генерални рамки субјектите кои аплицираат треба да поднесат техничка спецификација за потребите, имотен лист доколку имаат објект во сопственост во кој ќе биде лоцирана продавницата, или договор за закуп на објект во кој ќе биде лоцирана продавницата за најмалку 3 години, да ги имаат платено давачките кон државата и да достават основен проект за изгледот на продавницата врз основа на идејното решение и мастер проектот кој е изготвен од Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство.
Слично
