На странските туристи, ние да им го платиме ПЦР тестот: Туристичко-угостителската комора со седум барања до Владата
Превенцијата за заштита на јавното здравје е приоритет, но истовремено треба да се има предвид и потребата од мерки со кои ќе се овозможи поддршка и опстојување на компаниите од туристичко-угостителскиот сектор, велат од Стопанската омора од кадде информираат дека се одржала средба на Здружението на угостителството и туризмот. Веќе доставиле барања за работна средба до Фатмир Битиќи, заменик-претседател на Владата, Крешник Бектеши, министер за економија и до Венко Филипче, министер за здравство. На работната средба биле донесени и седум предлог мерки.
- Се бара Бизнис-секторот од дејноста да биде вклучен во конципирање на мерките и на одлуките со кои се ограничува функционирањето на деловните субјекти, бидејќи постојат недоречености и потреба од нивно дооформување, со што дополнително се отежнува работењето на компаниите.
- Во услови на влошена епидемиолошка слика, носење рестриктивни мерки и на исклучително мал број странски туристи, а со цел поддршка на дејноста, сите ПЦР-тестови за странските државјани (туристи) со регулиран престој да бидат во целост покриени од државата.
- Да продолжи поддршката за работните места во секторот, безусловно, според шифрата на дејноста (угостителски објекти за ноќевање, туристички агенции и тур-оператори), кои имаат и драстично мал обем на деловна активност веќе втора година по ред.
-Да се реализира мерката грант-поддршка за хотелите надвор од туристичките центри, кои не беа корисници на ваучерите издадени за посебни категории граѓани во 2020 година, во вкупен износ од еден милион евра, како дел од усвоениот петти пакет мерки поддршка на стопанството.
-Со цел поддршка за хотелскиот бизнис, да се овозможи за сите организирани настани (семинари, работилници, конференции) кои се случуваат во хотелите присуство со валиден негативен ПЦР-тест, бидејќи многу од објектите имаат испланирани деловни активности, кои со последните мерки масовно се откажуваат.
- Да се дополни член 14 став 3 од одлуката за изменување и за дополнување на одлуката за превентивни препораки, времени мерки, за наредени мерки, наменски протоколи, планови и за алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од заразната болест COVID 19, предизвикана од вирусот SARS CoV-2, како и за случаите и за временскиот период на нивна примена, објавена во Службен весник бр. 193 од 18 август 2021 година. На крајот од ставот да се додаде уште една реченица, која ќе гласи „Лицето кое по враќањето во земјата ќе приложи негативен ПЦР-тест да му биде прекинат карантинот“.
Образложение: Лицата кои не се во можност да направат ПЦР-тест при влез во земјата од која било причина, а имаат обврска да се вратат на работа, да може да го искористат правото во државата да ја реализираат обврската за ПЦР-тестирање.
-Во услови на здравствено-економска криза, која трае веќе втора година, и на лоши финансиски резултати, кои ги покажуваат компаниите од туристичко-угостителската дејност, нивниот кредитен рејтинг е доведен во прашање и за последната календарска година (2020 година) тие покажуваат негативни резултати. Во таа насока, а со цел поддршка на секторот, да се обезбедат гарантирани кредити за инвестиции во секторот.
