Економија, финансии, бизнис

Контакт

На социјалците им се раздени, ама на економијата ѝ се стемни!

На социјалците им се раздени, ама на економијата ѝ се стемни!
Новите 1600 вработени од социјално ранливите категории се вистински потег во борбата со невработеноста, но истовремено и сиромаштијата или ваквите вработувања само дополнително ќе удрат врз кревкиот буџет, а со тоа и директно на македонската економија. 1600 лица добија државна работа, ќе земаат плата од буџетот, економистите не се уверени дека начинот на кој беше изведена целата постапка е оправдан, политичките аначитичари пак коментираат дека овие политики само навестуваат дека на повидок се нови предвремени парламентарни избори. Превработена администрација? За политичките аналитичари во земјава овој владин потег може да се гледа како увертира и најава на предвремени парламентарни избори. 1600 нови вработувања ќе значат гласови на контото на владеачката партија. Дел од бизнисмените кои ги анкетираше Фактор, а сакаа да останат анонимни стравуваат дека со овие нови вработувања буџетот дополнително ќе се оптовари затоа што тоа ќе значат екстра пари за новите вработувања. Ја повикуваат владата да помогне во креирање на отворање на нови работни места во стопанството, а не само да се трупаат вработени во администрацијата, под државна капа. Никој не знае колку точно брои администрацијата Последната официјална бројка која циркулираше во јавноста е дека јавната администрација во земјава брои вкупно 118 илјади вработени. Ако се земат предвид бројките од Буџетот според кои за еден вработен годишно државата троши 8.000 евра, тоа значи дека речиси една милијарда евра народни пари секоја година се трошат за да се финансира администрацијата, а оваа сума сега ќе се зголеми бидејќи Владата најави дека новите вработувања ќе повлечат близу 8 милиони евра од Буџетот на годишно ниво. Светската банка пак, во својот неодамнешен извештај констатираше дека во земјава вработувањата се случуваат само во јавниот сектор, но нема отварање работни места во приватниот сектор, кои всушност најмногу влијаат на растот на вработеноста. Новите административци беа извлечени на лотарија За домашната експертска јавност квалификациите треба да бидат во преден план, а не компјутерскиот барабан. „Кога станува збор за вработувања од пресудно значење треба да бидат квалификациите на кандидатите, на самите луѓе. Во ред е како приоритет да се постави, лицата да се невработени или да се од многучлено семејство или пак некоја друга социјална категорија, но сепак сметам дека освен ова, исклучително важно е и знењето кое овие луѓе го имаат или претходно. Исто така подобро е  да се знае која ктегорија на кандидати одговараат за одредна работна позиција, па потоа со дополнително обрзование или тренинг обука ќе се создадат услови да можат тие социјални категории да можат да одговорат на работните обврски“, вели Шенај Хаџимустафа, универзитетски професор. Влада: Новите вработени не се бирани по лото систем Владата синоќа како неточни ги оцени „тврдењата дека селекцијата на кандидатите за 1.600-те вработувања во државни институции била наводно извршена по случаен пат или по пат на лотарија“, како што објавиле дел од медиумите. „Апликантите кои беа најдобро рангирани и посочени од компјутерскиот софтвер не се избрани по пат на лотарија или среќа, туку се рангирани според вкупниот број на добиени бодови кои се пресметани врз основа на поднесените податоци од нивна страна и врз основа на претходно утврдени и јавно објавени критериуми. Повторуваме, во целиот процес не постоеше никаков субјективен критериум во процесот на избор, ниту пак некаква лотарија, туку рангирање на кандидати врз основа на бодирање по повеќе параметри и тоа од страна на компјутерски софтвер во кој беа внесени сите податоци“, пишува во соопштението од Владата. Оттаму велат дека избраните 1.600 кандидати кои ќе бидат вработени се оние лица кои ги исполнуваат условите од огласот и имаат добиено најмногу бодови врз основа на приложени податоци и согласно тоа се подобро рангирани во споредба со останатите апликанти на огласот, се додава во соопштението од Владата. СДСМ: Владата го руши достоинството на невработените За опозиционата СДСМ, владата со овој потег го рушела достоинството на невработените, на оние со низок животен стандард или оние што живеат на дното. „Мислам дека навистина е деградирачки да се пријавите и да очекувате некаква среќа да ви подели работно место. Не знае човек што да каже. Еве, се надевам оваа идеја нема да ѝ падне на памет на владата да ја спроведе, на пример, да организира гладијаторски игри на арената Филип Втори и од 2-3 илјади луѓе, оние што ќе преживеат да добијат вработување и станови. Навистина тажно изгледаат овие проекти на Владата, Субрата Рој, лотарија за вработување и сето она што како игри и леб му го нудат на народот“, изјави Петар Атанасов од СДСМ. Според него администрацијата е веќе пребукирана, преоптоварена и има кадри кои можеби на некој друг начин би можеле да го решат тој проблем. 1600 - те ново вработени чекаат писмено известување Ново избраните вработени од компјутерскиот систем, денес  треба да добијат писмено известување. Осум дена по добивањето на известувањето ќе трае периодот одреден за доставување жалби кои ќе се разгледуваат 30 до 40 дена, а потоа избраните официјално ќе бидат вработени во ЈП „Македонски шуми“. Најважни критериуми, одлучни за бодувањето, биле приходите на домаќинството во социјално ранливите семејства и долгата невработеност. Денес оглас за вработување на нови 400 полицијаци Министерството за внатрешни работи ќе вработи нови 400 полициски службеници. Апликации за јавниот оглас заинтересираните кандидати ќе може да доставуваат од вторник па во наредните 10 дена. Кандидатите кои ќе ги исполнат условите и кои ќе бидат избрани по селекција ќе склучат едногодишен договор за основна обука за полицаец, а по завршување на таа обука новопримените полицајци ќе склучат договори за вработување во МВР. И.М
Слично

Поврзани вести