НА РАБОТА ВО СТРАНСТВО ЗАМИНУВААТ ПОЧЕТНИЦИ И ИСКУСНИ РАБОТНИЦИ: Колкава е разликата во платите?
Од Македонија многу луѓе заминуваат на работа во странство, со или без искуство, но од агенциите кои посредуваат при вработување велат дека искусните работници добиваат за 20 или 30 отсто повисоки плати. Искуството е она што се бара и се цени секаде. Сепак, велат дека тоа не треба да ги обесхрабрува младите и треба да бидат свесни дека за две или три години и тие ќе имаат повисоки плати откако ќе стекнат знаења, вештини, ќе го збогатат своето професионално портфолио.
„Вработувањето на бродските компании, покрај сите привилегии, нуди бенефиции за оние кои ќе успеат да добијат работна понуда на таканаречените средноменаџерски и супервајзорски позиции. Тие носат приходи од 2.500 до 5.500 долари на месец. Имајќи предвид дека станува збор за вработување кое нема трошоци, тие средства се чист приход. Она што младите не го разбираат, е како се доаѓа до тие бенефиции. Ако млад човек почне со работа на брод, за 3 години ќе стигне до плата од 3.500 до 4.500 долари. Самото по себе тоа е голем бенефит. Тие што работат во околните дестинации, немаат толкаво зголемување на платата. Позицијата ја носи платата, не е исто дали сте помошник келнер или келнер, и разликата е од 1.000 до 1.500 долари. Најниската плата е 1.200 долари. Искуството апсолутно помага, но посветеноста доведува до можност за напредување, за година - две тие ќе ја зголеми платата за двојно. Тој што размислува прогресивно ќе стигне до таа цел. Ние мора да разбереме неколку работи. Многу е полесно да најдете човек без искуство, отколку луѓе со искуство. Луѓето со искуство секогаш ќе бидат далеку поценети и поплатени. Младите имаат широк спектар на работни места, но со различни трошоци во позадина, а работата на крузер е безбедна средина, сè е гарантирано, немаат никакви трошоци“, вели Зоран Кочоски од Коузон.
Без разлика дали се работи за работа во Хрватска, Германија или некоја друга држава, искусните кандидати во старт имаат подобра позиција при вработување. Ако ги погледнеме огласите, во некои од нив пишува дека кандидатот треба да има најмалку две години работно искуство во соодветната струка.
„Зависи колку има потреба работодавачот од работник. Некогаш ќе се нафати да земе човек без искуство, за да се покрие, ама секако има разлика. Сигурно има 20 до 30 отсто повисока плата тој со искуство и тоа е нормално“, додаваат од Посредник24, кои посредуваат за работа во Хрватска и Германија.
Од друга агенција велат дека цената за работен час на искусниот работник е неколку евра повисока од онаа која ја добива почетникот.
„Имаат предност, да, оној со искуство за 20 отсто би земал повисока плата. Искусните земаат повисоки плати од почетниците. Тие без искуство би земале 12 евра од час ориентационо, а тие со искуство земаат 15-16 евра од час, зависи што работат“, додаваат од друга скопска агенција која нуди работа во Германија.
Почетниците обично заработуваат пониски плати од искусните работници поради немање на искуство, вештини и продуктивност. Како што работниците стекнуваат искуство и ги развиваат своите вештини, тие обично стануваат попродуктивни, што доведува до повисоки плати. Фактори како што се индустријата, работодавачот, работните задачи и географската локација, исто така, можат да влијаат на разликите во платите, дури и ако се работи за истата професија.
Сања Атанасовскаfoto freepik.com
