На првиот ден од есента нè очекува вистинско есенско време!
Календарски утре започнува есента во Македонија и на целата северна хемисфера. Новото годишно време ќе започне точно во 4 часот и 29 минути.
На првиот есенски ден, Сонцето во Скопје ќе изгрее во шест часот и 23 минути, а ќе зајде во 18 часот и 30 минути. Денот ќе трае 12 часа и седум минути.
Според метеоролозите, со стартот на есента нè очекуваат и вистински есенски температури - во текот на ноќва се очекува значително заладување на времето и пад на температурите за 10-тина степени во однос на денешните.
Во вечерните, а особено во ноќните часови ќе настапи промена на времето проследена со северен ветер, локални врнежи од дожд (на места пообилни) и појава на грмежи, најавуваат метеоролозите. Ветерот ќе биде силен во северниот дел на земјата, каде е објавен жолт метео-аларм, додека во северо-западниот дел од земјата се очекуваат посилни врнежи од дожд.
Во вторник во текот на денот ќе има значително заладување со засилен северен ветер, а во претпладневните часови се уште ќе има врнежи од дожд, кои на места ќе бидат пообилни, соопшти УХМР.
Слично
