Економија, финансии, бизнис

Контакт

На први ако не ве „отрезни“ руската салата, поскапиот дизел ќе заврши работа

На први ако не ве „отрезни“ руската салата, поскапиот дизел ќе заврши работа

Тие кои ќе имаат луда прослава на Новата година на први јануари ако им е тешко да се „отрезнат“ од еуфоријата тоа покрај со традиционалната руска салата и кифлички ќе може да го направат и кога ќе ја видат новата цена на дизелот. 

Шалата на страна, Владата во изминатиот период доволно долго ја подготвуваше јавноста за ценовните измени, со цел да не дојде до инфлаторен ефект и поскапување на производите и услугите во сите области, бидејќи со зголемувањето на акцизата ќе порасне и цената на литар дизел до отприлика 1 евро, зависно секако и од движењата на нафтата на светските берзи за што влијание немаат македонските власти, ниту пак регулаторите од РКЕ.

Со законските измени литар „нафта“ ќе биде поскап за 3.5 денари, а владата со средствата што ќе ги добие од акцизата ќе вложува во капитални проекти со што нема дополнително да се задолжува со финанси, барем така е најавено. Според пресметките треба да се соберат дополнителни 2 милијарди евра кои може да се искористат во здравство, образование, заштита на животна средина, инфраструктура и други корисни потреби на сите граѓани.

Нова цена од регулаторот ќе има една недела подоцна, односно после божиќните празници кога Регулаторната комисија за енергетика ќе донесе нова редовна одлука за определување на највисоките цени на нафтените деривати.

– Препораките од ЕУ се дека овие акцизи треба да бидат 0,33 евроценти, а кај нас изнесуваше 0,20 евроцентри. Со зголемувањето ќе биде 0,26 евроценти, посочуваа од Владата при најавата за зголемувањето на акцизата на дизелот.

Освен економски, владата за зголемување на акцизата наведе и еколошки причини бидејќи европски тренд е да се дестимулира употребата на дизел горивата за да се намали загaдувањето на животната средина.

Ова за годинава се единствените даночни промени. Во 2019 година треба да следат промените за прогресивно оданочување кај персоналниот данок.


Слично

Поврзани вести