На протестниот марш побарано донесување на нов Закон за работни односи
Повеќе независни синдикати и здруженија денеска во Скопје одржаа социјален и работнички марш.
Протестниот марш започна пред Домот на градежници. На маршот по повод Меѓународниот ден на трудот, учесниците го испратија својот првомајски проглас до власта за подобрување на позицијата на работниците, против непочитувањето на работничките и достоинството на работничката класа.
Преку Повелбата што ја потпишаа учесниците на социјалниот марш, се бара: донесување нов Закон за работни односи кој што ќе овозможи вистинска заштита за работниците во приватниот и во јавниот сектор преку ослободување на правото на штрајк. Итно изедначување на минималната плата на вработените во текстилната, кожарската и чевларската индустрија со сите останати категории работници. Промени во Законот за безбедност и здравје при работа со кои здравјето на работниците ќе се стави како приоритетен аспект на работниот однос, повлекување на Законот за административните службеници и на Законот за вработените во јавниот сектор, два закони што го киднапираа достоинството на вработените во јавниот сектор, со повлекувањето на горенаведените закони, бараме враќање на Законот за државните службеници со оригиналниот текст од 2000 гoдина. Повлекување на Законот за културата и отпочнување преговори за потпишување на Колективен договор за вработените во културата, повлекување на сите измени и дополнувања на Законот за високо образование од 2008 година до денес, сè до донесувањето нов ЗВО во кој ќе се обезбеди потполно почитување на правото на автономија на Универзитетот, квалитетен и одржлив развој на вискообразованата дејност, како и изземање на јавните високообразовни установи од системот на трезорско финансирање, законско регулирање на партиципативно студентско организирање и демократска студентска репрезентација во високообразовните установи. Понатаму, повлекување на сите измени на постојниот Закон за надворешни работи од 2008 година до денес и подзаконските акти донесени врз основа на тие измени – враќање на оригиналниот текст на ЗНР од 2006 година во сила, со единствена цел за нормализирање на состојбите во МНР и реинституционализирање на МНР во интерес на надворешната политика. Донесување нов Закон за медиумите кој ќе биде прифатлив за новинарите и медиумските работници и регулирање на платите и останатите права преку законска рамка (односно Колективен договор изготвен од ССНМ). Вклучување на сите грански синдикати во процесот на социјален дијалог на би- и три-партитно преговарање. Отпочнување со инклузивен процес на преговарање за нови Општи колективни договори за вработените во приватниот и во јавниот сектор и потпишување Колективни договори за сите гранки и дејности кои ќе ја отсликаат вистинската слика на борбата за подобри работнички права во Република Македонија.
