На повидок решение за изборен модел
Опозицискиот лидер Заев денес во прилепско остварува средби со граѓаните, земјоделците и со стопанственици по повод 11 Октомври.
Според неговите зборови во текот на вчерашните билатерални средби помеѓу претставниците на меѓународната заедница, предводени од Питер Ванхојт со сите политички партии на повидок е решение за изборен модел.
Тој вели дека според она што го информирале до утре им треба време на меѓунаридните олеснувачи да го состават конечното решение на законскиот текст и на работна група во недела да го презентираат.
Заев изрази надеж дека ќе биде веќе конечно сѐ усогласено за веднаш после празничните денови, односно од вторник, да биде преточен како законско решение во Парламентот и да биде донесен.
Категорично, опозицискиот лидер изјави дека во СДСМ нема став дијаспората да не гласа.
Меѓутоа, тој вели дека она на што се бори оваа партија е уставната еднаквост на гласот.
„Нашиот предлог е да има цензус и да се бира пратеник со исто онолку гласови колку што се бира во Македонија. Или, гласовите на нашинците коишто гласаат во дијаспората, да влезат овде во една изборна единица или во колку и да се на крајот изборни единици, и на тој начин да добијат ист, еднаков третман со гласот на граѓаните, без разлика дали се работи за граѓани во Македонија или граѓани, наши Македонци коишто живеат во дијаспората.
Така да, овие решенија се многу принципиелни, уставно возможни и единствено потребни, за да може нашата дијаспора да гласа“, порача Заев.
