НА ПОВИДОК ИЗБОРИ: Партиите со препукување околу „фантомските“ гласачи
Изборите се поизвесни.
Ноќеска на полноќ истече рокот за пријавување на спорните гласачи во ДИК.
Заклучно со последните поднесени барања за отстранување од листата на спорни гласачи бројот кои се пријавиле електронски и лично е 8992 лица. Тоа значи дека над 30 илјади и 500 спорни гласачи ДИК ќе ги избрише од Избирачкиот список доколку истите не се пријават на вториот рок кој ќе следи по распишувањето на предвремените избори кога непријавените гласачи од листата на ДИК ќе имаат време од петнаесет дена да го регулираат гласачкото право.
Партиите денеска излегоа со став и препукувања во однос на оваа проблематика.
Опозицијата вели дека се докажале нивните тврдења оти во Македонија имало фантомски гласачи. За владеачката партија овој став на СДСМ е очаен.
„После рокот за пријавување, се докажа дека околу 30 илјади избирачи коишто се наоѓаа на Избирачкиот список во Р. Македонија, не постојат. Не можеа да се пријават, и со тоа се потврди тезата дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ на изборите коишто се одржуваа досега во Р. Македонија, сериозно го злоупотребувале избирачкото право на граѓаните на Р. Македонија“, рече Спасовски во име на СДСМ.
Според него, имајќи во предвид дека и дополнителни 172 илјади избирачи се запишани на посебен извод на Избирачки список затоа што се наоѓаат надвор од земјава, се констатира дека во Македонија има околу 1 милион и 500-тини илјади избирачи.
„Тоа се, реално, избирачи коишто се во Р. Македонија и коишто можат да го искористат сопственото избирачко право тука. Ова покажува дека нема да имаме идеален Избирачки список, меѓутоа, ќе имаме далеку подобар Избирачки список од оној којшто го имавме досега“, нагласи Спасовски.
Очајно изгледа лицитирањето со бројки, од страна на раководството на СДСМ за бројот на ,,фантоми'', реагираат од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, откако генералниот секретар на СДСМ Оливер Спасовски во сабота рече дека се докажало оти во Македонија има фантомски гласачи.
„Десет години по ред разликата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ е околу 200.000 гласови и СДСМ многу добро знае дека не ја уживаат поддршката кај граѓаните. Затоа, Заев и Шеќеринска прво се трудеа да ги излажат граѓаните дека имало 500.000 фантоми, па 450 000 фантоми, па 300.000 фантоми. На крај манипулациите од СДСМ се сведоа на 30-тина илјади спорни гласачи главно од 5-та и 6-та ИЕ“, се вели во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ. Од таму уште додават дека меѓу спорните гласачи на СДСМ со кои Заев се обидуваше да ги оправда изборните порази, се најдоа и: Мирјана Најчевска, Гордан Георгиев, Јани Макрадули, Ерол Ризаов, сестрата на Радмила Шеќеринска и многу други членови на СДСМ, кои според логиката на СДСМ не постојат. „Целата циркузијада околу фантомите во ‘избирачкиот список’, беше само со една единствена цел, малтретирање на граѓаните со разни процедури во кои тие мораа да му докажат на ДИК, според волјата на СДСМ, дека постојат и не се фантоми, за да можат да бидат запишани во Избирачкиот список со што би го оствариле своето уставно право на глас“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
