На Пацоли не му е одобрено да влезе во Србија - која е причината?
Србија не го одобри барањето за посета на Нови Пазар на министерот за надворешни работи на Косово, Беџет Пацоли, објави Радио-Телевизија Србија.
За Србија ќе има реципрочни мерки.
Како што неофицијално дознаваат од РТС, барањето е одбиено, бидејќи во привремената правна рамка на УНМИК, Косово нема Министерство за надворешни работи, па договорот за официјални посети не може да се примени во случајот со Пацоли.
Пацоли во четвртокот изјави дека побарал дозвола од Белград официјално да го посети Нови Пазар и Санџак на 21 и 22 јули, додавајќи дека ако не ја добие дозволата, нема да оди преку планински патишта како директорот на српската владина Канцеларија за Косово, Марко Ѓуриќ во Косовска Митровица.
Белградските медиуми пишуваат дека Пацоли денеска може да престојува во Нови Пазар, но само во приватна посета и во својство на обичен граѓанин.
Според информациите на Танјуг, Бошњачкиот национален совет денеска напладне во своите простории има закажано свечен прием, а потоа и трибина во зградата на Собранието на општина Нови Пазар, на која треба да присуствува и Пацоли.
Бошњачкиот национален совет го покани Беџети Пацоли да го посети Нови Пазар и Рашка за викенд во својство на вицепремиер и министер за надворешни работи на Косово.
