На „Макстил“ и „Југохром“ им истекува рокот, ќе бараат ново продолжување?
За железарницата „Макстил“ во Скопје и фабриката за феролегури „Југохром“ од тетовско Јегуновце утре истекува крајниот рок за обезбедување на А интегрирана еколошка дозвола. И двете фабрики се далеку од исполнување на еколошките стандарди за да ја добијат дозволата, па се најавува можноста да побараат уште едно пролонгирање на рокот.
Владата, која досега неколкупати им прогледуваше низ прсти и им дозволуваше пролонгирање на обврските, сега се уште размислува дали утре ќе им наложи да престанат со работа додека не ги спроведат потребните еколошки станарди.
Министерот за животна средина Нурхан Изаири пред две недели изјави дека двете фабрики веројатно нема да добијат нови рокови. Железарниата „Макстил“ најавила дека сама ќе го прекине производството, додека до „Југохром“ упати апел да го следи истиот чекор.
Но, денеска од Министерството и поинакви сигнали. „Рокот да ги исполнат условите за добивање А интегрирана дозвола истекува на 31 октомври. До овој датум, согласно законските одредби, фабриките можат да побараат ново пролонгирање на рокот. Ако не побараат пролонгирање на рокот и ако не ги исполнат условите за добивање на дозволата, Министерството, според законските одредби, ќе мора да ги затвори“, појаснуваат од ресорното министерство.
За ова било разговарано и на вчерашната владина седница.
„Додека не истече рокот не можеме да прејудицираме каква ќе биде одлуката во однос на која било фирма. Треба да се согледа дали фирмите доставиле акционен план за реализација на оперативните обврски околу добивање на интегрирана еколошка дозвола. Кога ќе истече рокот, тогаш ќе има дефинитивен став“, изјави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.
Слично
