На Македонија не ѝ треба трета, ами нова опција!
На Македонија не и треба трета, ами нова опција. Досегашните опции не се покажаа, сите гледаме на кое дереџе ја донесоа државата за овие 25 години на нивното циклично владеење, вели во интервју за Фактор, Емил Анастасов инцијатор за формирање на здружението ДЕМОС НОПОМА. Анастасов е еден од основачите на првата политичка партија во Македонија, Лигата за демократија. Беше активен во почетокот на македонскиот плурализам само 4 години.
Фактор: На политичката сцена се враќате во Македонија, со граѓанското здружение ДЕМОС НОПОМА. Која е целта?
Анастасов: Бев еден од основачите на Лигата за демократија, првата политичка партија во Македонија, формирана во време на едноумието на 08.јануари 1990 година. Четири години бев генерален секретар на Лигата, се до 1994 година кога ја формиравме демократската партија и излеговме на изборите. Тогашниот Сојуз за МК, на чело со покојниот претседател Глигоров, плебисцитарно победи на изборите. По поразот на изборите, јас се повлеков од политиката, онака како во сите нормални демократски држави се прави. Денес, 21 година подоцна, Македонија е во огромна криза. Помислив дека е дојдено времето некои од идеите на Лигата за демократија, кои порано не беа препознати од широката публика, сега повторно да се обидеме да ги пласираме и да се надеваме дека е дојдено времето за тие идеи. Затоа го иницирав формирањето на граѓанското здружение ДЕМОС НОПОМА.
Фактор: Што различно може да понуди ДЕМОС НОПОМА?
Анастасов: Нудиме нов концепт за развиток на Македонија. Прво, во политичкиот систем предлагаме преполовување на огромниот број функционери, кои се хипокризично потплатени, а низ чии раце секојдневно поминува големо национално богатство, со време започнуваат единствено да мислат само на својот приватен интерес, сосема занемарувајки го општиот интерес. Тие се однесуваат како да граѓаните треба ним да им служат, а не обратно - тие да им служат на граѓаните, за што се избрани на избори и за што се платени со народни пари од народниот буџет! Истовремено ним треба да им се одземат сите привилегии (службени автомобили, бесплатни мобилни телефони, скапи дневници при патување, бесплатна исхрана во рестораните на владата и собранието, неплаќање на патарините и казните за прекршоци...) Преполовениот број функционери треба солидно да бидат платени, но тоа ќе предизвика многу помал трошок споредено со трошокот за сегашните нивни привилегии и особено со трошокот што тие го прават мислејки само на својот приватен интерес. Собранието не треба да има повеќе од 60 до 80 пратеници. Македонија е мала земја, 120 пратеници нема кој да ги издржува! А пратениците од дијаспората воопшто не ни се потребни - дијаспората 5 пари не дава за проблемите во Македонија, а досегашните нејзини претставници уста не отворија во парламентот. Огромниот трошок за нивниот избор и издржување воопшто не се оправдани! Владата треба да биде концентрациона, со 9 министри, без нивни заменици, и таа со консензус треба да решава за сите прашања во интерес на сите граѓани. Мора да го напуштиме сегашниот фактички еднопартиски ситем кој продуцира вулгарна, неефикасна и криминална партиска држава. Во економскиот дел сметаме дека од сега веке повеќе од 3 милијардниот буџет, со домакинско и некорупционерско работење, годишно може да се издвојуваат една милијарда Евра за развој на инфраструктурата, енергетиката, земјоделието, туризмот....и со тоа Македонија во кус рок да доживее процут невиден досега на овие простори..
Фактор: Кој е ставот на ДЕМОС НОПОМА за политичките бомби кои ги презентираше опозицијата?
Анастасов: Бомбите одиграа позитивна улога во информирање на граѓаните за тоа што се правела власта последниве 7 - 8 години. Не дека тоа не се знаеше, но сега сите можеа да видат каква била вистинската состојба. Да, да , бомбите се многу позитивна работа за Македонија.
Да, Македонија е многу економски успешна...особено во продуцирањето на енормно богати газди и функционери, меѓусебно поврзани преку партиската држава
Фактор: Како бизнисмен како ја цените економијата во Македонија?
Анастасов: Македонската економија, фактички, е во очајна состојба! Таа на прв поглед продуцира некакви резултати. Но, по која цена!? По цена на сурова експлоатација на сите работници, како во приватниот, така и во општествениот сектор! Правата на работниците денес во Македонија се исти како правата на работниците во развиените земји во 19-от век! Синдикално организирање нема, често работниците не можат да користат повеќе од 5 - 6 дена годишен одмор, работењето прекувремено не им се плаќа, заработуваат 8000 - 15000 денари, сума пари што нивните газди (па и функционери) дневно ја трошат, а тие едвај можат да се прехранат со леб и млеко... Да, Македонија е многу економски успешна... особено е успешна во продуцирањето на енормно богати газди и функционери, меѓусебно поврзани преку партиската држава, од една страна, а од друга страна успешно продуцира енормен број на лумпен пролетери во најгрдиот смисол на зборот! Ако ова беше целта на демократизацијата, во која сите така нергично тргнавме пред 25 години, сметам дека сосема ја промашивме темата....!
Фактор: Слободата на изразување и медиумите се клучни за една држава. ЕУ најголемите забелешки за Македонија токму кај медиумите?
Анастасов: Во Македонија имаме една партија на власт која продуцира највулгарна партиска држава. Партијата ја голтна целата држава, сите нејзини институции и ја угуши конкуренцијта, а со тоа и напредокот на државата. Во такви услови, кога под капа на партијата на власт се и повеќето од медиумите, не може да зборуваме за слобода на изразувањето и информирањето. Единствено решение на оваа ситуација е формирање на концентрациона влада по следните избори, влада која по природа на работите ќе ја департизира државата и со тоа и медиумите ќе се ослободат и ќе почнат професионално и објективно да ја информираат јавноста.
ДЕМОС НОПОМА има намера да формира НОВА ОПЦИЈА на македонската политичката сцена
Фактор: Како против партизираното судство и администрација?
Анастасов: Повторно морам да нагласам – круцијално е да се воспостави концентрациона влада! Во таа влада сите партии ке земат учество, ниедна партија нема да има доминација и сите прашања ќе се решаваат со конснзус во интерес на сите граѓани на Македонија. Досега партијата на власт, која ја презентираше, условно речено, половината од населението, воопшто не водеше сметка за останатата половина и владееше апсолутно! Во 21-от век така не може да се владее. Денес пристапот до информаците е сосема демократизиран. Не е како во времето на Сталин и Хитлер кога граѓаните се информираа со коминкеа на КПСС и на Наци партијата или пак од монументалните говори на омилените водачи. Денес апсолутната власт е невозможна, таа предизвикува непремостливи фрустрации кај граѓаниете чии интереси се запоставени и затоа имаме огромно незадоволство кај сегрегираните граѓани и тоа предизвикува криза. Повторувам , решение е владеење на концентрациона влада, која ќе ја департизира државата генерално, а со тоа ќе се ослободат и судството и администрацијата. Во такви услови истите луѓе што сега таму работат ќе почнат да работат професионално и објективно ќе ги применуваат уставот и законите, во интерес на сите граѓани подеднакво.
Фактор: Многупати досега во јавноста се зборуваше дека на Македонија и е потребна сериозна трета опција. Но, барем досега на политичката сцена, се појавија многу партии кои се пропагираа како трета опција, но сепак после секо избори тие мали партии се прилепуваат за една од големите ВМРО ДПМНЕ или СДСМ?
Анастасов: На Македонија не и треба ТРЕТА, ами НОВА ОПЦИЈА. Досегашните опции не се покажаа, сите гледаме на кое дереџе ја донесоа државата за овие 25 години на нивното циклично владеење. ДЕМОС НОПОМА ќе се обиде, во сојуз со уште неколку помали демократски партии и здруженија, да ги наметне своите идеи за нова концепција на развитокот на Македонија. Ако граѓаните ги препознаат нашите идеи и чесни намери, гарантираме молневит развиток на Македонија во наредните 3-4 години.
Фактор: Која е сигурноста дека ДЕМОС НОПОМА може да прерасне во сериозен политички субјект, конкурентен на двете најголеми партии?
Анастасов: Морам да повторам - ДЕМОС НОПОМА има намера да формира НОВА ОПЦИЈА на македонската политичката сцена. Здружени со неколку помали демократски партии и здруженија, ќе се обидеме на следните избори да освоиме доверба на граѓаните што ќе ни гарантира 15-тина пратеници во парламентот. Во таква ситуација ќе можеме на т.н. големи партии да им ја наметнене нашата концепција за развиток на Македонија, а особено идеата за формирање концентрациона влада која ќе биде вистинска гаранција за демократизација и просперитет на државата.
Слично
